Струмица, Град Скопје, Сарај и Теарце до 15 ноември можат повторно да конкурираат за пари од украинскиот кредит

Општините Струмица, Град Скопје, Сарај и Теарце, кои не успеаја да обезбедат средства од унгарскиот кредит, имаат рок до 15 ноември да поднесат нови проекти и повторно да се обидат да добијат финансирање од централниот буџет. Премиерот Христијан Мицкоски апелираше до градоначалниците на овие општини да постапат по истите принципи како и останатите.

– Струмица не доби пари затоа што конкурира со проект кој е веќе почнат и има избран изведувач, што значи дека е во тек. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември за да поднесе нови проекти што би можеле да бидат финансирани – изјави Мицкоски при посетата на тетовското село Радиовце.

Мицкоски ја спомена и Општина Теарце, која своите проекти ги поднела преку приватна имејл-адреса, што, според него, не е во согласност со стандардите.

– Градоначалникот на Теарце го повикувам да постапи како и сите други 79 градоначалници, следејќи ги стандардните процедури. Исто така, имаме некомплетна документација поднесена од Општина Сарај и очекувам до 15 ноември тоа да биде комплетирано. Станува збор за проекти за патна инфраструктура во населбата Ласкарци и еден водоводен проект. Очекувам овие прашања наскоро да бидат решени – рече Мицкоски.

Тој истакна дека не гледа политика во одбивањето на проектите поднесени од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, посочувајќи дека Град Скопје бил одбиен поради некомплетни проекти.

– Град Скопје конкурираше со проекти за автобуси и средства за одржување на хигиената на улиците, но истовремено веќе имаат префрлени речиси 10 милиони евра (600 милиони денари) од Владата за реализација на капиталната инвестиција булеварот Хасан Приштина. Веќе две години, за жал, ништо не е направено по таа основа. Очекувам во следниот период и таму да се подобрат инвестициските перформанси – истакна премиерот.

На вчерашната владина седница беа потврдени повеќе од 270 проекти на општините, а следната недела се очекува да се потпишат договорите, по што ќе почне реализацијата.