Германија и САД најмногу ја поддржуваат Украина, ве молиме да продолжите да го правите тоа, рече Бајден во Берлин

Ја поддржуваме Украина најсилно што можеме и истовремено се грижиме НАТО да не биде страна во војната, за оваа војна да не се претвори во уште поголема катастрофа, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц пред почнувањето на средбата зад затворени врати во Берлин со претседателот на САД на Џозеф Бајден.

„Благодарение на вашето раководство, планот на Путин пропадна, Украина не беше преземена за само неколку дена, туку преку храброста на нејзините војници и поддршката на многу земји… таа се спротивстави на рускиот империјализам повеќе од две и пол години“, му рече Шолц на Бајден.

Тој изјави дека Германија „ќе остане на страната на Украина се додека е потребно“.

„Заедно сме посветени на силно НАТО кое го брани секој квадратен сантиметар од територијата на Алијансата. Секоја членка на нашата Алијанса може да смета на тоа, рече Шолц.

Шолц, исто така, му се заблагодари на Бајден за „блиските и исполнети со доверба“ односи меѓу Вашингтон и Берлин во овие „многу тешки времиња“.

Федералниот канцелар рече дека ќе разговара и за конфликтот на Блискиот Исток со Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот на Велика Британија, Кир Стармер за време на нивната заедничка средба закажана за подоцна денес.

„Израел има право да се брани. За мене е важно да го кажам тоа многу јасно. Ние стоиме покрај Израел“, рече Шолц.

Додаде дека се надева дека убиство од Израел на Јахја Синвар , водачот на палестинската милитантна група Хамас, ќе ја отвори вратата за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на израелските заложници кои се држат таму.

Американскиот претседател ги повика сојузниците на Украина да останат решителни и да го поддржат Киев, кој влегува во тешка зима.

Бајден го поздрави фактот што Германија ги зголемува трошоците за одбрана до целта на НАТО од два отсто од бруто домашниот производ.

„Германија и САД се двете земји кои во најголема мера ја поддржуваат Украина како независна нација. Ве молиме да продолжите да го правите тоа“, рече Бајден.

Тој ги поздрави напорите на Шолц фундаментално да го смени долгогодишниот принцип на Германија да не испраќа или продава оружје во конфликтните зони како одговор на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година.

„Од инвазијата на Украина, покажавте лидерство и мудрост да препознаете дека оваа војна означи пресвртница во европската историја и решивте да дејствувате“, рече Бајден.

Тој вети дека САД, Германија и остатокот од Европа ќе продолжат да ги зајакнуваат напорите за поддршка на војската и инфраструктурата на Украина, како и да му помогнат на Киев да закрепне со деблокирање на руските замрзнати средства.

Тој нагласи дека стабилноста во Европа и во светот зависи од „цврстите американско-германски односи“.

Бајден е во посета на Берлин, при што се сретна и со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер