Перински: Не постои законска можност општини да финансираат Албанска академија на науките и уметностите

Златко Перински, министер за локална самоуправа рече дека не постои законска можност општини да финансираат работењето на здружението Албанска академија на науките и уметностите, по најавите дека четири општини Тетово, Гостивар, Желино и Чаир ќе го сторат тоа.

Перински смета дека посоодветно би било општините да работат на зголемување на квалитетот на живот за граѓаните, отколку да одвојуваат средства за нешто кое ќе нема функција во иднина.

„- Во суштина тоа е строго опишано во Законот за локална смаоуправа во членот 11 кој вели дека приходите на локалните самоуправи треба да се трошат исклучиво за надлежностите кои се утврдени согласно Законот што во превод значи дека Законот сака да каже дека сите средства што општината ги колектира по било кој основ, ги распределува преку усвојување на одлуки и буџети на седница на Совет и треба да бидат исклучиво насочени за спроведување и реализација на основните законски надлежности на самата локална самоуправа. Во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не стои. Општината има можност да финансира здруженија и невладини организации, но и тие здруженија и невладини организации треба на некој начин да ги спроведуваат основните надлежности за кои таа локална самоуправа постои што значи дека ако точно се чита законот, законска можност за вакво нешто нема, истакнува Перински во интервју за МИА.