Молдавија: Санду води на претседателските избори, референдумско „не“ за ЕУ

Граѓаните на Молдавија во неделата гласаа „не“ на референдумот поврзан со членството во Европската унија (ЕУ), а според досегашните делумни резултати, мнозинското „не“ е изненадување и неуспех за шефицата на државата во заминување Маја Санду и покрај нејзиното водство на претседателските избори.

Истовремено, на претседателските избори, исто така одржани во неделата, 52-годишната Санду води во првиот круг со 37,88 отсто од гласовите, а на 3-ти ноември во вториот круг ќе се соочи со 57-годишниот Александар Стојаногло, кој е поддржан од проруските социјалисти и кој помина подобро од очекувањата на прозападните медиуми, освојувајќи 28,77 отсто од гласовите, по обработката на 90 отсто од избирачките ливчиња..

На гласањето што се одржа во сенка на обвинувањата за наводно руско мешање во изборите и купување гласови, што Кремљ „категорично“ го отфрли, откако беа преброени 70 отсто од гласовите, гласачите очигледно кажаа „не“ за вклучување на влезот во ЕУ како стратешка цел во уставот на земјата според агенцијата France Presse (AFP). Повеќе од 55 отсто се против внесување на европската цел во молдавскиот уставот, а за тоа се околу 45 отсто. Истите податоци ги објави и британскиот радиодифузер BBC, повикувајќи се на бројката од 50 отсто од преброените гласачки ливчиња.

Првично според агенциите, сепак, проценката беше дека трендот би можел да биде обратен бидејќи остануваа уште многу гласови да се пребројат во главниот град Кишињев, каде што според нив има силна ориентација кон ЕУ, а исто така се очекуваат и резултатите од странство, каде што живее голема дијаспора.

Меѓутоа, набрзо потоа во текот на ноќта кон понеделникот беа објавени прелиминарните резултати по обработка на 91,08 отсто од избирачкиот материјал, кои покажаа дека на референдумот за ЕУ – 53,54 отсто од Молдавците гласале „против“, додека 46,46 отсто го поддржале ставањето на членството во ЕУ како стратешка цел во уставот на нивната земја.

Во рамките на референдумот, граѓаните требаше да одговорат на едно прашање: „Дали поддржувате промена на Уставот со цел Република Молдавија да влезе во Европската унија?“. Идејата за референдум беше критикувана од дел од јавноста и опозициските партии, кои се убедени дека референдумот не ги одразува толку аспирациите на народот колку што е алатка за зајакнување на позицијата на актуелните власти пред претстојните претседателски и парламентарни избори.

Сегашниот резултат е непријатно изненадување во таборот на актуелната претседатека, бидејќи анкетите пред изборите ѝ даваа наводно повеќе од 63 отсто позитивно мислење за референдумот.

Претседателката во заминување, Маја Санду која е проромански и прозападно ориентираа, која ја оддалечува Молдавија од Русија ѝ ја подонесе кандидатурата на нејзината земја во Брисел, го распиша овој референдум за да ја потврди својата стратегија.

Молдавија е веќе пред вратата на ЕУ со официјалното отворање на пристапните преговори во јуни, но и покрај ова, земјата која се наоѓа меѓу НАТО и руската сфера на влијание, долго време е растргната меѓу тие два табора.

Маја Санду, првата жена што ги зазеде највисоките позиции во 2020 година, поранешен економист на Светската банка со репутација на некорумпираност, стана водечка проевропска фигура во Молдавија изминатите четири години.

Самата Санду на брифинг по изборите рече дека Молдавија се соочува со „невиден напад врз демократијата“, бидејќи одредени „организирани криминални групи заедно со странски сили“, наводно, се обиделе да ги подмитуваат гласачите.

„Криминални групи, кои дејствуваат заедно со странски сили, непријателски настроени кон нашите национални интереси, ја нападнаа нашата земја со десетици милиони евра, лаги и пропаганда“ со цел да ја „заробат нашата земја во неизвесност и нестабилност“, тврдеше Санду во изјавата за известувачите во Кишињев.

Претседателот на опозицискиот проруски блок Победа, Илан Шор, ги нарече прелиминарните резултати од претседателските избори во Молдавија и европскиот референдум „пораз на властите“.

„Молдавскиот народ го кажа својот збор. Санду, слушна ли? Овде не се потребни ниту твојата ЕУ, ниту ти, ниту твоите европски газди. Толку ги изнервиравте луѓето, што дури и со огромните административни ресурси, блокирање, апсење, полнење кутии, едноставно ве тресна од земјата. Сите разбираат дека сега се трудите максимално да украдете гласови“, напиша Шор на својот канал на мрежата Telegram.

Стравувањата на проевропските сили во Молдавија се однесуваат на областа Приднестровје, или Трансднестрија, каде што главно живеат Руси, русофони и Украинци, која во 1990 година, пред распадот на СССР се отцепи од советската република Молдавија, стравувајќи од тенденциите во оваа земја, каде што официјален јазик е романскиот – да се присоедини кон Романија. По две години избувна кусиот судир. Во војната која избувна во овој регион во 1992 година загинаа околу 1.500 луѓе. Оттогаш, практично Приденстровје е независно иако не е признато од ниедна држава, а меѓународната заедница го смета за составен дел од Молдавија, земја со 3,5 милиони жители меѓу Романија и Украина.

Рускиот баталјон со 400 припадници беше испратен по вооружениот конфликт од 1992 година меѓу Молдавија и Приднестровје, како дел од меѓународните мировни сили, во кои беа вклучени и воени набљудувачи од Молдавија и од Украина. Генералното собрание на ОН во јуни 2018 година ја повика Русија да ги повлече своите војниди од Приднестровје, Резолуцијата ја поддржаа 64 земји, 14 беа против а 83 беа воздражани.

Парламентот во Приднестровје кон средината на април 2014 година поднесе барање до рускиот парламент и претседателот на Руската Федерација да започнат процедура за признавање на независноста. Одлуката се заснова врз резултатите од референдумот од 2006 година кога дури 97 отсто од гласачите ја поддржале независноста на Приднестровје како и барањето за присоединување кон Русија.