Претседателката Санду: „Напад без преседан“ врз молдавската демократија

Молдавската претседателка Маја Санду го осуди „невидениот напад врз демократијата“ ноќа кон понеделникот, откако според делумните резултати, доби одговор „не“ на референдумот за пристапување во ЕУ како стратешка цел на земјата, кој се одвиваше во сенка од страв од руско мешање.

„Криминални групи, кои дејствуваат заедно со странски сили, непријателски настроени кон нашите национални интереси, ја нападнаа нашата земја со десетици милиони евра, лаги и пропаганда“ со цел да ја „заробат нашата земја во неизвесност и нестабилност“, рече претседателката ориентирана кон Европа пред новинарите во Кишињев.

Со преброени речиси 90 отсто од гласовите, одговорот „не“ на референдумското прашање за воведување во Уставот стратешката цел на земјата за влез во ЕУ досега добил 53,9 отсто од гласовите, покажуваат податоците на изборната комисија на Молдавија.

Ваквиот одговор за многумина е изненадување, бидејќи неколку неодамнешни истражувања покажаа дека наводно 63 отсто од граѓаните се за европската ориентација на земјата.

Како што јави британскиот радиодифузер BBC, осврнувајќи се на обвинувањата за наводно купување гласови, зад што наводно стои Русија, Санду исто така рече дека нејзината влада има „јасни докази“ дека биле купени 300.000 гласови, што таа го нарече „измама без преседан“ но засега не ги презентираше споменатите докази.

„Ги чекаме конечните (изборни) резултати и ќе одговориме со силни одлуки“, рече Санду.

Кремљ категорички ги отфрли обвинувањата за наводното купување гласови, кое уште во текот ги лиферуваа поддржувачите на Санду.

На претседателските избори кои се одржаа во исто време со референдумот се преброени повеќе од 90 отсто од гласовите, а резултатите покажуваат дека Санду води во првиот круг, но таа не успеа да обезбеди победа во првиот круг со 50 осто плус еден глас. Втор е Александар Стојаногло, кој е поддржан од проруската партија на социјалистите, кој добил речиси 30 отсто, повеќе отколку што му предвидуваа проевропски ориентираните медиуми во Молдавија.

Министерството за надворешни работи на Молдавија соопшти дека гласањето морало да се продолжи во Москва и на две избирачки места во Романија и едно во Франција поради големиот број гласачи.

До затворањето на гласачките места во 21 часот по локално време се одзвале 51 процент од гласачите и врз основа на тоа референдумот бил валиден.