Германска „Lufthansa“ ги запира дневните летови од Франкфурт до Пекинг

Германската воздухопловна копманија „Lufthansa“ во понеделникот објави дека ќе ги прекине дневните летови од Франкфурт до Пекинг на крајот на октомври, откако извршниот директор предупреди дека на превозниците им е сѐ потешко да се носат со конкуренцијата поради високите такси и изменетите линии.

Летовите од Франкфурт до Пекинг ќе бидат прекинати на 27-ми октомври од економски причини, изјави портпаролката на компанијата, додавајќи дека ќе продолжат леовите до главниот град на Кина од Минхен. На линијата Минхен-Пекинг ќе летаат поновите авиони „Airbus А350“, кои трошат помалку гориво.

На почетокот на септември, компаниите „Luftansa“ и „Condor“ се пожалија на високите даноци за воздухопловниот сообраќај, надоместоците за безбедноста и за контролата на летање, тврдејќи дека ги ставаат во неповолна положба во споредба со нивните конкуренти.

Во последните четири години трошоците за контролата на летање, безбедносните проверки и таксите се удвоија и денес изнесуваат седум милијарди евра годишно, изјави извршниот директор на „Condor“, Петер Гербер, на деловен состанок на аеродромот во Франкфурт.

Во средината на октомври, извршниот директор на „Luftansa“ во интервју за весникот Bild посочи дека може дополнително да го намалат бројот на летови, предупредувајќи дека понудата е веќе намалена поради „екстремното зголемување на државните трошоци“.

Германскиот гигант во неколку наврати потенцираше дека се во послаба позиција во однос на конкуренцијата од Кина, Турција и земјите од Персискиот залив, кои, како што потсетија, сè уште летаат низ рускиот воздушен простор, па нивните рути се пократки, а трошоците помали. Од друга страна, европските компании согласно санкциите против Русија не ги користат рускиот воздушен простор.

Групацијата „Luftansa“ ја затвори првата половина од годината со загуба од 427 милиони евра, по добивката во истиот период минатата година, посочувајќи на пониските цени на авионските билети во сите региони, особено на летовите за Азија, „неефикасните“ операции и доцнење во нарачаните авиони.

Поради слабите резултати во вториот квартал, групацијата ја намали прогнозата за годишна приспособена добивка пред каматите и даноците од 2,2 милијарди на 1,4 милијарди до 1,8 милијарди евра.

Ирската нискобуџетна авиокомпанија „Ryanair“ на почетокот од октомври објави дека поради високите даноци и такси планира да ги прекине операциите на аеродромите во германските градови Дортмунд, Дрезден и Лајпциг во летото следната година.

„Во летото 2025 година Германија ќе загуби 1,8 милиони седишта во авионите на ‘Ryanair’ поради високите и зголемени даноци“, соопшти компанијата на 10-ти октомври, што ќе значи 12 отсто помалку патници од минатата година.