Нова донација од ОКТА: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ во Велес доби соларна централа

ОКТА АД – Скопје ја реализраше првата од трите донации на фотоволтаични централи наменети за образовни институции во земјава, планирани за оваа година. Со оваа најнова донација од ОКТА, основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Велес доби соларна централа со инсталирана моќност од 16,1 kW (киловати), поставена на покривот на училиштето.

Централата може годишно да произведува и до 20 MWh (мегават часови) енергија од сончеви зраци, со што ќе се задоволи најголемиот дел од потребите од електрична енергија на ова училиште, во кое настава посетуваат повеќе од 600 ученици. Истовремено, работата на оваа соларна централа ќе овозможи намалување на емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата за повеќе од девет тони годишно.

„Ваквиот вид донаторски проекти за нас во ОКТА се особено значајни, затоа што со нивната реализација се генерираат неколку значајни придобивки за заедницата. Преку производство на обновлива енергија од сонцето, оваа централа значително ќе ја намали потрошувачката и трошоците за електрична енергија на ова училиште, а истовремено ќе придонесе и за почиста животна средина. Ваквите проекти се нашиот конкретен придонес кон креирањето одржлива иднина за задницата и за идните поколенија, што сите нас во ОКТА нѐ прави посебно горди“, изјави Димитриос Пасхос, главен извршен директор во ОКТА.

Искажувајќи благодарност до ОКТА за оваа исклучително вредна донација, градоначалникот на Велес, Марко Колев рече: „Со инсталирањето на оваа централа донирана од ОКТА, значително се подобрува вкупната енергетска ефикасност на ова училиште и се намалуваат трошоците за електрична енергија, што ќе ни овозможи тие средства да ги пренамениме за други потреби на училиштето и едукативниот процес. Ги повикувам и останатите компании да го следат овој пример и да земат активно учество во реализација на проекти со кои се зголеми учеството на енергијата од обновливи извори во нашата општина и на тој начин ќе се поттикне нејзиниот целокупен одржлив развој“.

Покрај оваа, годинава ОКТА планира да инсталира фотоволтаични централи и на покривот на градинката „Детска радост“ во општина Гевгелија, како и на спортскиот центар „Марко Божиновски“ во општина Аеродром во Скопје, кои заедно ќе овозможат годишно производство од околу 113.000 kWh обновлива енергија. Дополнително, како дел од својата стратегија за донаторски вложувања во извори на „зелена“ енергија, минатата година ОКТА веќе инсталираше ваков вид централи на три образовни институции во земјата, со вкупна инсталирана моќност од над 57 kW.

Со овие донации, како и со фотоволтаичните централи кои се инсталираат кај своите деловни партнери и инвестицијата во изградбата на сопствена фотоволтаична централа со капацитет од 12 MW, која наскоро се очекува да почне со работа, ОКТА значајно придонесува за забрзување на енергетската транзиција на земјата, преку поголема застапеност на обновливите извори на енергија, како и за поголема заштита на животната средина.