Блинкен го повика Израел да го искористи убиството на Синвар за да стави крај на војната во Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вторникот го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го искористи убиството на лидерот на палестинското движење Хамас, да ги ослободи заложниците држени од 7 октомври и да стави крај на војната во Појасот Газа.

По неуспешните обиди да се постигне примирје меѓу Израел и Хамас, Блинкен е на своето 11-то патување на Блискиот исток од избивањето на војната во Газа и неговото последно пред претседателските избори кои би можеле да донесат промена во американската политика.

Блинкен, исто така, се обидуваше да најде начин ја примири ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и проиранското шиитско движење Хезболах во Либан, каде во текот на ноќта во израелските воздушни напади врз главната државна болница во Бејрут загинаа најмалку 18 лица, меѓу кои четири деца, а беа ранети 60 други.

Шефот на дипломатијата на САД ги истакна американските надежи дека неодамнешното убиство на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, може да биде нова можност за мир.

„Државниот скеретар ја подвлече потребата да се искористи успешната операција за изведување на Синвар пред правдата со ослободување на сите заложници и завршување на конфликтот во Газа, така што ќе се обезбеди трајна безбедност и за Израелците и за Палестинците“, соопшти Стејт департментот.

Во соопштението од неговиот кабинет, Нетанјаху рече дека елиминацијата на Синвар „може да има позитивен ефект врз враќањето на заложниците, врз постигнувањето на сите цели на војната и денот по војната“. Но, не се споменува можен прекин на огнот по една година војна во која воените капацитети на Хамас се значително деградирани, а Газа е претворена во урнатини, со повеќепати раселените сите 2,4 милиони жители на малата тесна крајбрежна енклава.

Израел останува на ставот дека нема да престане да се бори додека палестинската милитантна група не биде целосно уништена како воена сила и управно тело на Газа. Од друга страна, Хамас одби да ги ослободи заложниците што ги киднапираше на 7-ми октомври минатата година.

Блинкен, исто така, му рекол на Нетанјаху дека Израел треба да стори повеќе за да обезбеди хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа, а израелските власти ветија дека ќе го сторат тоа, изјави американскиот функционер за новинарите. Меѓутоа, во израелското соопштение не се споменува хуманитарното прашање.

Претходно овој месец, Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин напишаа писмо до израелските лидери во кое ги повикаа да преземат повеќе чекори за подобрување на хуманитарната ситуација во Газа или да се соочат со потенцијални намалувања на американската воена помош. Израел досега не покажа знаци за ублажување на војната во Газа и Либан дури и по атентатите на неколку лидери на Хамас и Хезболах, вклучително и моќниот генерален секретар на Хезболах, Хасан Насрала, кој беше убиен во воздушен напад на 27-ми септември.