Проширувањето на ЕУ е приоритет во мојот втор мандат

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска од Тирана ја започна својата турнеја низ Западен Балкан, порачувајќи дека проширувањето на Европската унија е нејзин приоритет во нејзиниот втор мандат како шефица на извршното тело на ЕУ.

„Проширувањето е голем приоритет и во мојот следен мандат. Тоа се однесува на нашиот план за раст за Западен Балкан, за ова разговаравме во Берлин. Ја отвораме вратата на заедничкиот пазар со партнерите од Западен Балкан“, рече Фон дер Лaјен на прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Фон дер Лајен утре доаѓа во Скопје,, потоа заминува за Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

За време на нејзината посета на Европскиот колеџ во Тирана, фон дер Лајен рече дека сега „ветрот на промени дува во Западен Балкан“.

„Може ли некој да го запре ветерот на промените? Денес овој ветер на промени дува не само во Западен Балкан, туку и во Украина и Молдавија. Но, има и други ветрови кои дуваат во спротивни насоки, кон национализам или угнетување. Русија влезе во Украина токму затоа што Украина сакаше да стане дел од ЕУ“, рече таа.

Таа посочи дека за време на изборите минатиот викенд во Молдавија била забележана „голема руска интервенција на референдумот за европската иднина“.

„Овие сили работат на дестабилизација на земјите кои ја избираат Европа. Секогаш кога има напредок кон помирување или интеграција, тие се оние кои го свртуваат вниманието кон старите конфликти. Ова е реалноста денес. Ова е она со што ќе треба да се справи вашата генерација млади Европејци. Не смееме да седиме со скрстени раце“, им порача фон дер Лајен на студентите на Европскиот колеџ.

Според најавите на Европската комисија, Фон дер Лајен за време на посетата на регионот најмногу ќе се фокусира на помошта што ЕУ им ја дава на земјите од регионот за забрзување на реформите и подготовките за побрз напредок во евроинтеграциите.