Холандија воведува построги мерки за азил и гранични контроли

Холандија почнува да ги заострува законите за азил и планира да воведе гранични контроли во ноември, но нема да прогласи вонредна состојба за која се залага десничарскиот лидер Герт Вилдерс.

Вилдерс, чија партија освои најмногу гласови на изборите во ноември 2023 година, го објави соопштението на X доцна во средата. Нема да има вонредна состојба, но ќе има „веднаш построги мерки. Навистина сум среќен поради тоа“, објави Вилдерс на X.

Коалициските партнери со месеци расправаат за построги правила за добивање азил во земјата. Вилдерс се надеваше дека ќе прогласи вонредна состојба за да спроведе строги мерки без одобрение од парламентот. Другите партии не се согласија, тврдејќи дека нема правна основа за ова.

Според предложените мерки, статусот на барател на азил во иднина ќе важи најмногу три години. Коалицијата си постави за цел да ги врати сириските бегалци и да прогласи барем делови од Сирија за безбедни зони.

Оние кои добиле статус на бегалец во Холандија ќе имаат помалку права во врска со сместувањето.

Бројот на баратели на азил во земјата се стабилизира на околу 40.000 годишно. Но, тешко им е да најдат сместување, што делумно е резултат на кратењето на буџетот, а делумно на општата намалена понуда за сместување во Холандија.