Делегација на Хамас во Египет во обид за заживување на преговорите за Газа

Египетска безбедносна делегација се состана со делегација на палестинското милитантно движење Хамас во Каиро како дел од напорите за продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа, објави во четвртокот египетската државна телевизија, цитирајќи неименуван официјален извор.

Египет и Катар беа главните посредници меѓу Израел и Хамас во повеќемесечните разговори кои пропаднаа во август без договор за прекин на борбите што започнаа кога палестинската милитантна група го нападна јужниот дел на Израел на 7-ми октомври минатата година.

Телевизијата Al Aqsa, под контрола на Хамас, во четвртокот објави дека делегација на Хамас предводена од главниот преговарач и заменик на челникот на групата за Газа, Калил ал-Хаја пристигнала во Каиро на средба со шефот на египетската разузнавачка агенција Хасан Махмуд Рашад.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно во четвртокот изјави дека ја поздравува подготвеноста на Египет да ги обнови разговорите за ослободување на заложниците во Појасот Газа.

Претходно истиот ден, највисоките дипломати од Катар и Вашингтон изјавија дека американските и израелските преговарачи ќе се соберат во Доха наредните денови за да се обидат да ги обноват разговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа.