ВИДЕО| Редок примерок на „Малиот принц“ на продажба за 1,25 милиони долари

Ретка копија на „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери напишана на машина за пишување со опсежни рачно напишани корекции од францускиот автор, којашто трговците со книги ја опишуваат како „книжевно богатство“, наскоро ќе се најде во продажба за 1,25 милиони долари.

Претендент за најпреведувана книга во светот вон религиските текстови, новелата за момче кое патува од планета до планета стекнувајќи мудрост е објавена во 1943 година во екот на Втората светска војна.

Подврзана во излитени црни корици, копијата на француски јазик на „Малиот принц“ е напишана во Њујорк за време на егзилот на авторот во периодот на германската нацистичка окупација на Франција, непосредно пред да замине да служи во француските воздухопловни сили кои се бореле против окупацијата.

Другите две од трите познати копии кои постојат се во Националната библиотека на Франција и во Центарот Хари Рансом во Тексас.

Текстот го содржи она што се смета за првото пишано појавување на еден од најпознатите редови во книгата: „Само со срцето добро се гледа. Суштинското е со очите невидливо“.

Тргвоците со ретки книги копнеат за изданија кои задираат во срцето на с’ржта на креативниот процес на авторот, особено во влијателни дела како „Малиот принц“, вели Семи Џеј, виш специјалист за литература во „Peter Harrington Rare Books“, кои ја продаваат книгата.

„Ова е едноставно најисклучителниот пример што некогаш сум го видел или имав можност да бидам вклуен во него… Тоа е врвен момент и јас сум многу трогнат, бидејќи не гледам како некогаш ќе го надминам“, додава Џеј, кој е продавач на книги и колекционер веќе 13 години.

Покрај рачно напишаните корекции, текстот содржи две оригинални скици со молив на авторот, вклучително и рана скица за последната илустрација на книгата малиот принц кој се враќа дома.

Сент Егзипери почина во 1944 година кога неговиот авион исчезна за време на воена извидувачка мисија над Медитеранот.

Книгата ќе биде во продажба во „Abu Dhabi Art“ од 20-ти до 24-ти ноември.