Размисли за самитот на BRICS+ и Македонија

Од 22 до 24 оваа недела во рускиот град Казањ се одржа 16 самит на државите членки на BRICS (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), a всушност првиот самит на BRICS+ (новопримени членови се Иран Обединетите Арапски Емирати, Етиопија и Египет). На самитот беа присутни и преставници на околу 30 држави, но и меѓународни организации, вклучувајќи го и генералниот секретар на ООН. Фактички ова е најголем меѓународен настан, на највисоко ниво, некогаш одржан во Русија. Претседателот Путин оствари средби со 20 шефови на држави и влади. Со тоа пред сопствената јавност ја зацврсти својата позиција на наследник на Петар Велики. Дополнително, тој го искористи овој настан на светската јавност да и’ покаже дека Русија ниту била ниту ќе биде меѓународно изолирана. Важно е да се напомене дека овој самит има и свое глобално значење. Најмалку уште 15 држави имаат поднесено барање или искажано интерес за прием во оваа организација. Помеѓу нив се Виетнам, Малезија, Азербејџан, Алжир, Мексико и Тајланд. Најголемо изненадување, но и предмет на сериозни гео-политички анализи, е барањето на Турција, земја членка на НАТО, за прием во оваа организација.

BRICS+ е неформална организација. Таа нема внатрешна структура, а одлуките се носат со консензус. Нејзините членки, не само што имаат различни политички системи, туку се и во судир една со друга (Кина и Индија околу граничните прашања). Но, сите тие заедно се одговорни за поголем бруто домашен производ отколку најразвиените земји членки на групата Г7. Тие заедно поседуваат околу 40% од светските енергетски резерви. На нивните територии се наоѓаат најголемите лежишта на скапи и неопходни рудни богатства. За големината на шумското и водно богатство воопшто да не се зборува. Земјите членки на оваа организација имаа годишен раст за два до три пати поголем од тој на Европската Унија или САД. Се на се, BRICS+ е економски џин во раст, со се уште недефинирана иднина. Темелите за сигурна и стабилна иднина рускиот претседател, како што истакна во своето излагање, ја бара во фактот дека BRICS ги вклучува истомислениците, суверени држави, кои ги преставуваат различните континенти, развојни партнери, религии, автентични цивилизации и култури. И тоа е точно! Друго е прашањето колку оваа разноликост обединета околу желбата за непречен и одржлив развој ќе може да ги потисне себичните интереси на поедини земји членки, доколку се појават.

Создавањето на BRICS+ е резултат на кинеската и руската политика на одговор на западниот хегемонизам. Тајната на неговиот моментен успех е во неправедниот светски економски поредок. Поредок кој работи во корист на богатите, а на штета на сиромашните. Дополнитлно финансиската помош што сиромашните и неразвиени држави ја добиваат од светските финасиски институции е условена со прифаќање на западните цивилизациски вредности. Нешто што финансиската рака на BRICS+, Новата развојна банка, не го бара. Напротив, на овој самит таа направи и исчекор напред. Прифати развојните кредити да ги пласира во локални валути. На тој начин според зборовите на претседателот Путин ќе овозможи зголемување на поравнувањата во локални валути, намалување на сервисирањето на долговите, зголемување на финансиската независност на членките на организацијата, но и минимизирање на геополитичките ризици.

Западните санкции и замрзнувањето на руските средства во банките допонително ги мотивираше одреден број на држави да покажат интерес за зачленување. Логиката е едноставна. Доколу Западот може нелегално да замрзне и користи руски пари, тогаш што станува со помалите и послабите држави. Русија и со 200 или 300 милијарди долари замрзнати средства ќе преживее, но Етиопија, Египет, или која и да било држава ќе клекне на колена.

Ваквата логика им отвори пат на Кина и Русија да илезат со предлог, кој во суштина би означувал почеток на дедоларизацијата на светскиот финансиски систем. Нешто што во овој момент не е прифатливо за Индија. Од тие причини во завршната декларација се зборува за целосна реформа на Бретон-Вудсон системот. Всушност доколку се погледа целата декларација (нејзиниот текст се протега на 43 страници), тогаш станува јасно дека земјите членки на Организацијата побаруваат целосна реформа на постоечкиот светски систем. При тоа искажуваат јасна заложба за зголемување на улогата на државите во развој, но и целосно почитување на правото на развој.

Генерално земено, земјите членки на BRICS+ во својата завршна декларација ги искажуваат своите усогласени ставови по скоро сите прашања, што на еден или друг начин, го засегаат целото човештво (внесен е и став, по барање на Индија, за заштита на дивите мачки). На тој начин, преку оваа декларација, тие се обидуваат, но со голема доза на право, и очекуваат да станат уште поатрактивна организација. Го прифаќаат фактот на постоењето на мултиполарен свет, но во исто време не се откажуваат од мултилатеризмот. Напротив, најостро го осудуваат системот на санкции, но и практиката на воспоставување на трговски бариери. 

Теоретски гледано, во текстот на декларацијата, нема нешто што би влијаело Република Македонија да не ја прифати оваа декларација. Ама само теоретски! Во пракса, како земја членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, таа тоа не може да го стори. Како држава во развој таа и понатму ќе делува согласно правилата на постоечкиот светски систем, надевајќи се дека државите членки што се надвор од западниот систем ќе успеат во своите заложби за негова реформа. И тоа е фер! Република Македонија е мала европска држава. Нејзината иднина е Европа. Таа, како и поголемиот дел на мали европски држави, не може да претендира за присуство во Индо-пацифичкиот регион. Со самото тоа таа е осудена на следење на светската динамика и евентуално прилагодување.

Прилагодување кое побарува задолжително постојано и детално следење на состојбите во BRICS+ и нивните нови чекори. Уште повеќе, внимателно следење на државите кои имаат аспирација за полноправно членство во оваа организација и евентуално градење на потесни односи со нив. При ова не требе во ниту еден момент да се испушти шансата од првата средба на македонскиот министер за надворешни работи со својот индиски колега. Продлабочувањето на односите со Индија, потесно поврзување со држави-аспиранти за членство во BRICS+, како и „невидливо“ обновување на соработката со Кина, евентуално би ја премостиле нашата географска одалеченост, од индо-пацифичката локомотива на светскиот развој. Едноставно, во ниеден момент не треба да се испушти од предвид фактот дека во овој момент, но и во догледно време, Европската Унија ќе заостанува во својот развој во однос на САД и земјите членки на BRICS+. Богатите европски држави можат да си го дозволат луксузот да потрошат по некоја година за внатрешно реформирање и прилагодување. Ние тој луксуз, за жал, го немаме!

Автор: Јован Донев за НетПрес