NYT: Одговорот на Иран на евентуален израелски напад ќе зависи од целите на нападот

Иран разгледува различни опции за одговор на евентуален израелски напад, а дејствијата на Техеран ќе зависат од целите што ќе ги избере еврејската држава, објави весникот The New York Times, повикувајќи се на свои извори.

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи ѝ наредил на војската да развие повеќе планови за одговор на израелскиот напад во зависност од неговиот обем, според четворица неименувани ирански официјални лица.

Доколку нападот предизвика сериозно уништување и многу жртви, Иран ќе одговори. Ако, пак, Израел се ограничи на напад на неколку воени бази и магацини со проектили и беспилотни летала, Техеран може да не преземе ништо како одговор, велат изворите на американскиот весник.

Тие истакнале дека одговорот ќе биде неизбежен во случај на напад врз нафтената и енергетската инфраструктура на Иран, неговите нуклеарни капацитети, како и во случај на убиство на високи функционери.

Според весникот, меѓу можните мерки Техеран ја разгледува можноста за лансирање на околу илјада балистички ракети, интензивирање на нападите од сојузниците на Иран во регионот (либански Хезболах, палестински Хамас, јеменските Хути и шиитските ирачки милиции присутни во Сирија), како и нарушување на глобалното снабдување со енергенси и превозот во Персискиот залив и Ормутскиот теснец.

Во очекување на потенцијален израелски напад кој треба да биде одговор на иранскиот одмазнички напад од почетокот на октомври, на војската на Иран ѝ е наложено да биде подготвена за војна, но Техеран исто така се обидува да го избегне тоа, додава The New York Times.

Израел се подготвува за потенцијална воена акција, особено по извештаите претходно оваа година за сличен израелски напад кој наводно уништил радар за воздушна одбрана во близина на Исфахан по иранскиот напад во април. Најголемиот израелски сојузник САД, од своја страна, сакаат да избегнат ескалација на конлфиктите на Блискиот исток, и според најавите вршат притисок врз Израел и зад јавноста истовремено комуницираат со Техеран во напорите изрелскиот удар да биде со интензитет од возвратните напади меѓу двете земји во април годинава. Вашингтон, исто така, инсистира израелскиот напад да не биде насочен особено кон иранската нафтена инфраструктура.