Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврдеше во изјава од петокот дека Русија планира да распореди севернокорејски војници во борбените зони од 27 до 28. октомври, повикувајќи се на наводни разузнавачки информации.
„Според разузнавачките податоци, се очекува Русија да ги распореди првите севернокорејски трупи во борбените зони од 27-ми до 28-ми октомври. Ова претставува руска ескалација“, напиша Зеленски на Х, откако ја добил информацијата од главниот командант.
Зеленски не појаснува во објавата во кои борбени зони треба наводно да бидат испратени севернокорејските војници, ниту дава други поединоси.
Украинската воена разузнавачка служба во четвртокот соопшти дека првите севернокорејски војници наводно веќе биле забележани во пограничниот регион Курск на Русија, каде што украинските елитни единици со најсовремено западно вооружување со огромни загуби веќе се целосно истиснати откако продреа на руската територија на почетокот од август.
И руски и западни воени аналитичари сметаат дека доколку бидат ангажирани севернокорејските војници од страна на руската армија, тие би биле ангажирани на заштита на руските погранични региони со Украина, ослободувајќи ги руските единици за ангажирање на украинскиот фронт.
„Околу 12.000 севернокорејски војници, меѓу кои 500 офицери и тројца генерали, веќе се во Русија и се обучуваат во пет воени бази“, тврди разузнавачката служба на Украина.
Во средата двајца јужнокорејски пратеници изјавија дека Северна Кореја испратила 3.000 војници во Русија за поддршка на нејзината војна против Украина, откако биле известени од националната разузнавачка агенција со тоа удвојувајќи ја првичната проценка од 1.500 војници.
Пјонгјанг ветил дека ќе обезбеди вкупно околу 10.000 војници, чие распоредување се очекува до декември, изјавија пратениците на новинарите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека суверено прашање на Москва и Пјонјанг е да го спроведуваат договорот за партнерство со Пјонгјанг, за кој истакна дека вклучува клаузула за заемна помош за секоја страна за да ѝ помогне на другата да одбие надворешна агресија.
Западните сојузници велат дека нивното учество во конфликтот во Украина би било голема ескалација.
Зеленски смета дека Западот не треба да реагира на вклучувањето на Северна Кореја „со рамнодушност или нејасни коментари, туку со опиплив притисок и врз Москва и врз Пјонгјанг“.