Се реновираат просториите за издавање на лични документи во Скопје

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска (25.10.2024) изврши увид во реконструкцијата на просториите на Одделот за граѓански работи на МВР во зградата на МТВ. Проектот за реновирање на овие простории започна неодамна, откако целосно беа надминати гужвите кои беа предизвикани со промената на личните документи поради промена на уставното име, а со цел модернизација и креирање побрзи и поефикасни услуги за граѓаните.

„Претходното раководство планирало да ја почне реконструцијата годинава во февруари, во ек на најголемите гужви за промена на документите. Можете да замислите што тогаш ќе се случеше ако се реализирало тоа. Со оваа реконструкција која треба да заврши за шест месеци, ќе добиеме речиси двоен капацитет на управните служби на МВР кои ќе понудат побрзи и поефикасни услуги за граѓаните. Градиме поефикасна администрација која ќе биде целосно во служба на потребите на граѓаните“, истакна министерот Тошковски.

Тој притоа напомена дека додека трае реконструкцијата воопшто не е намален капацитетот на издавање лични документи и останати услуги кон граѓаните и тие во најголем дел се извршуваат во пунктот до полициската станица „Пролет“.