Цели на израелскиот интензивен напад биле 20 ирански воени локации

Израел го заврши тричасовниот воздушен напад врз ирански цели рано во саботата, 25 дена по балистичкиот ракетен напад на Техеран врз Израел на 1 октомври.

Нападите беа одговор на нападите на Иран врз Израел во последните месеци. Во соопштение израелската војска истакна дека „го завршиле нападот“ и „ја исполниле својата мисија“.

Во нападите убиени се двајца ирански војници, објави официјалната новинска агенција ИРНА.

„Армијата на Исламската Република Иран синоќа жртвуваше двајца свои војници додека се спротивставуваше на проектилите на Израел за да ја одбрани безбедноста на Иран и да спречи штета на нацијата и интересите на Иран“, се вели во иранското армиско соопштение.

Портпаролот на ИДФ, Даниел Хагари, ја нагласи подготвеноста на Израел да се брани, предупредувајќи го Иран од понатамошна ескалација: „Ако режимот во Иран направи грешка и започне нова рунда на ескалација, ние ќе бидеме обврзани да одговориме. Нашата порака е јасна. Сите оние кои и се закануваат на државата Израел и се обидуваат да го вовлечат регионот во поширока ескалација ќе платат висока цена“.

ИДФ потврди дека таргетирале капацитети за производство на ракети, противвоздушни ракетни системи и други ирански воздушни средства, кои наводно биле користени во неодамнешните напади на Иран против Израел и претставуваат директна закана за слободата на израелското работење во регионот. Војската додаде дека задржува низа офанзивни способности и дека ќе продолжи да делува во одбрана доколку иранските напади продолжат. Иранската новинска агенција Тасним објави дека Иран ветил пропорционален одговор.

Претходно војската објави дека нападот врз Иран започнал. „Режимот во Иран и неговите прокси- држави во регионот немилосрдно го напаѓаат Израел од 7 октомври – на седум фронта – вклучително и директни напади од иранска територија. Како и секоја друга суверена земја во светот, државата Израел има право и должност да одговори“, се вели во соопштението на војската. „Нашите одбранбени и офанзивни способности се целосно мобилизирани. Ќе направиме сѐ што е потребно за да ја одбраниме државата Израел и народот на Израел.

Операцијата е првиот официјално признат напад на Израел во Иран, иако слични напади претходно му се припишуваа на Израел, како што е нападот на радарот на системот за воздушна одбрана околу нуклеарната локација Натанц по првиот напад на Иран во април.

Според извештаите, стотици израелски авиони учествувале во нападот рано во саботата, насочен од командниот центар на воздухопловните сили на ИДФ во Тел Авив. Ирански извори и NBC News посочија дека нападите биле насочени кон клучните воени инсталации во јужен и југозападен Иран, вклучително и места за складирање балистички ракети.

Арапските официјални лица изјавија за NBC дека магацините за оружје се меѓу целите, додека неименуван израелски функционер појасни дека нападот бил фокусиран на локации кои претходно му се заканувале на Израел и може да го сторат тоа повторно, со исклучок на какви било нуклеарни постројки.

Израелскиот безбедносен кабинет ги одобри воздушните напади, а Белата куќа беше известена непосредно пред почетокот на нападите врз Иран, објави Фокс њуз.

Претходно, Аксиос објави дека Израел ја започнал операцијата како одмазда за масовниот ирански ракетен напад на 1 октомври, цитирајќи два извори запознаени со одлуката.

Иранските медиуми објавија неколку силни експлозии во Техеран и во близина на Карај, без итен коментар од официјални лица за причината. Сведоците во Техеран опишаа интензивни експлозии, при што еден жител, кој побара да остане анонимен, рече: „Беше толку гласно, а небото стана црвено“.

„Њујорк тајмс“ објави дека експлозиите во Иран биле концентрирани во близина на меѓународниот аеродром во Техеран. Извештаите, исто така, укажуваат на експлозии во Исфахан, Машхад и во покраината Курдистан, што предизвика широка паника.
Ирачкиот медиум Sabareen News, поврзан со проиранските милиции во Ирак, го минимизираше нападот, наведувајќи дека тој бил ограничен, со пресретнати сите непријателски воздушни цели и без пријавена штета.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Шон Савет, рече дека нападите се чини дека биле насочени кон воени постројки како мерка за самоодбрана како одговор на иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври. Белата куќа додаде дека претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис биле информирани за развојот на настаните.

Израел наводно планирал одговор на иранскиот балистички ракетен напад на 1 октомври – втор директен напад врз Израел од Техеран во рок од шест месеци. Иранските власти издадоа предупредувања, наведувајќи дека каков било израелски напад на иранска територија ќе предизвика посилен контра-одговор.