Израелските војници заробија околу 100 лица за кои се сомнева дека се милитанти на Хамас за време на рација во болницата Камал Адван во северниот дел на палестинската енклава Појасот Газа, соопшти израелската војска во понеделникот.
Здравствените власти во Газа и Хамас негираат дека има воено присуство во болницата, која израелските сили упаднаа во петокот и ја напуштија во саботата.
„Војниците заробија приближно 100 терористи во комплексот, вклучително и терористи кои се обидоа да избегаат за време на евакуацијата на цивилите. Тие пронајдоа оружје, пари и разузнавачки документи во болницата“, тврди во соопштението од понеделникот израелската војска.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека војниците привеле десетици мажи од персоналот и ја оштетиле болницата, која веќе и онака функционира на минимум поради израелските воени операции во областа.
„Неколку идентификувани терористи се маскираа како медицински персонал и немавме друга алтернатива освен да го провериме и медицинскиот персонал“, изјави воен претставник за новинарите на онлајн-брифингот.
Снимката објавена од Министерството за здравство на Газа во саботата, која Reuters не можел независно да ја потврди, покажува оштетување на неколку згради на болничкиот комплекс по повлекувањето на израелските сили.
Израелскиот воен портпарол изјави дека војниците нанеле „ограничена штета“ на болницата кога влегле и дека „морале да уништат“ опрема за „двојна намена“, како што се цистерни со кислород, „коишто во случај на детонација би можеле да повредат секого во комплексот“.
Медицинскиот персонал одбил да ја напушти болницата и да ги остави своите пациенти без надзор. Таму засолниште побараа и илјадници раселени Палестинци.
„Ги изнесоа сите што се засолнија тука… Ги одвоија мажите од жените и направија две линии, тоа беше многу понижувачки за нашите мажи бидејќи ги носеа без облека и без нешто со што можеа да се покријат“, изјавил за Reuters болничарот Мејсун Алијан.
Порпаролот на израелската восјка додаде дека осомничените членови на Хамас биле соблечени за да се провери дали носат оружје. „По проверката, им дадовме облека“, тврдеше.
Болничарите во Газа соопштија дека најмалку две деца загинале на одделот за интензивна нега откако израелски оган ги погодил генераторите и станицата за кислород во петокот.
Војската соопшти дека цивилите во болницата се безбедни и покрај тешките борби во близина на комплексот. Гориво, медицинска опрема и крв се доставени во болницата, а обезбедени се и снабдувањето со електрична енергија и кислород, тврди израелската војска.