Раст на индексите на Волстрит на почетокот на седмицата

На Волстрит берзанските индекси пораснаа во понеделникот, враќајќи дел од загубите од претходната седмица, додека инвеститорите се позиционираат пред објавувањето на кварталните деловни извештаи од голем број големи технолошки компании.

Индексот Dow Jones зајакна 0,65 отсто, на 42.387 поени, додека S&P 500 порасна за 0,27 отсто, на 5.823 поени, а индексот Nasdaq 0,26 отсто, на 18.567 поени.

Откако се лизнаа од рекордните нивоа минатата седмица, инексите S&P 500 и Dow Jones вчера закрепнаа враќајќи дел од своите загуби вчера.

Инвеститорите оваа седмица ќе се фокусираат на кварталните деловни резултати на компаниите. Повеќе од 160 компании од S&P 500 ќе објавуваат извештаи, а најголемо внимание ќе привлечат резултатите на технолошките гиганти, како „Apple“, „Alphabet“, „Microsoft“, „Amazon.com“ и „Meta Platforms“.

Цените на акциите на тие компании, како и на други од групата т.н „Величествените седум“ драстично пораснаа последните години, па нивните резултати ќе покажат дали таквиот раст е оправдан.

Во фокусот на инвеститорите ќе биде кампањата во пресрет на претседателските избори во САД, како и нови макроекономски податоци, кои ќе покажат каква е состојбата во економијата и како се движи инфлацијата.

Инвеститорите се надеваат дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки по вторпат оваа година на состанокот во ноември за да го поддржи економскиот раст. Но, дали Fed ќе го стори тоа во голема мера зависи од тоа дали инфлацијата ќе продолжи да се намалува.

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,45 отсто, на 8.285 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,35 отсто, на 19.531 поен, а париски CAC зајакна 0,79 отсто, на 7.556 поени.