Младите Македонци и Црногорци најдоцна си заминуваат од родителскиот дом

Младите од Македонија и од Црна Гора најдоцна ги напуштаат домовите на своите родители, споредено со другите земји од Европа, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци од Евростат.

Балканот е на врвот на листата.

Младите во Црна Гора во просек остануваат да живеат со своите родители до 33,3 години, во Северна Македонија до 32,1, во Хрватска 31,8, во Србија до 31,5, Грција 30,6, а во Бугарија до 30 години.

Во Јужна Европа и на Балканот повеќе од половина од луѓето на возраст од 20-25 години живеат со своите родители.

Во Северна Европа, пак, овој процент е под 20%, па дури и под 10%.

Најрано од домовите на нивните родители си заминуваат младите во скандинавските земји. Со просечна возраст од 21,4 години, младите Финци се тие кои најрано си одат. Веднаш зад нив се Данците и Швеѓаните на 21,8, па Норвежаните, на 22,5 години.

Меѓу западно-европските земаји, најдолго со своите родители остануваат да живеат младите Шпанци и Португалци, до 30,4 односно до 29,1 годишна возраст. Младите Британци, пак, се осамостојуваат на 24,6, Германците на 23,9, а Французите на 23,7 години.