Владата го усвои Предлог-буџетот за 2025 година- треба да донесе вистински развој на државата, вели Димитриеска Кочоска

Владата денеска на седница го усвои Предлог-буџетот за 2025 година, со кој, како што информира министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска, се поставуваат темелите за стабилизација на јавните финансии и економски раст.

Вкупните приходи во Буџетот за 2025 се планирани на 358 милијарди денари, што е за 13 проценти повеќе од буџетот за 2024 година, додека вкупните расходи се проектирани на ниво на 400 милијарди денари, што е раст од 10 проценти во однос на буџетот за 2024 година.

Економскиот раст е планиран на ниво од 3,7 проценти, буџетскиот дефицит на четири проценти, инфлацијата 2,2 процента.

Буџетот за 2025 година содржи мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.

– Креиравме Буџет што треба да носи вистински развој на државата. Капиталните расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари, што е раст од 13 проценти или шест милијарди денари во однос на ребалансот на буџетот. На тоа го темелиме развојот, а тоа се одгледува и на фактот што износот на капиталните расходи се повисоки од номиналниот износ на дефицитот, изјави Димитриеска- Кочоска.

Состојбата, посочи Димитриеска- Кочоска, се уште наметнува да штедиме, но внимателно ќе постапуваме за да им овозможиме на институциите редовно извршување на своите надлежности и да испорачаат квалитетни услуги кон граѓанитe и бизнисот.