Уставните измени со одложено дејство се оправдан чекор на патот кон ЕУ

На вечерашното гостување во „Само Вистина“ на Kанал5 телевизија, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски говореше за темата која е особено актуелна периодов, а се однесува на приближувањето на Македонија кон ЕУ.

Според него веќе подолг период во јавноста ова прашање поврзано со уставните измени и евроинтеграцискиот пат на Македонија се поставува на погрешна основа. Тој цени дека суштината на овој проблем потекнува од погрешниот пристап на претходната власт предводена од СДС и ДУИ.

„Прво, за ваква сериозна работа треба да имаме општествен консензус, не само политички, туку и општествен. Во тие моменти иако ВМРО-ДПМНЕ беше во тешка опозиција, подаде рака за да се вклучи во целиот процес на изградба на националните позиции кои многу полесно би се бранеле”, констатира Јаревски.

Тој потсетува дека ваквата тогашна понуда од ВМРО-ДПМНЕ беше категорично отфрлена од страна на СДС и ДУИ и дека по таквата нивна постапка, тие се впуштија во процес во кој самите преземаа обврски кои очигледно е дека не можеле да ги завршат, а последиците ги трпиме токму сега.

„Нашата иницијална точка од која поаѓавме беше да се осигураме, дека повторни уцени и диктати од Бугарија нема да имаме. Затоа дадовме неколку пакети, неколку можности кои би можеле да ги реализираме, со цел ваквите ризици да бидат елиминирани и нашиот пат ко ЕУ да биде отворен“, вели Јаревски.

Имено тој појаснува дека во овој контекст важно е да се држиме до реформи, стандарди, до исполнување на обврските во преговорите и истовремено потребно е целосно посветено да се влезе во еден процес на аргументирање на нашите позиции и состојби кои ги имаме наследено од една страна, а од друга страна, и да се придвижиме со многу вредна работа по тој пат кон ЕУ.

„Затоа можеби најлогични и најприфатливи во овој случај ни се уставните измени со одложено дејство. На тој начин и ние би биле заштитени и како држава и како нација. Дотолку повеќе, овој пристап и наидува на позитивен одзив, слушајќи ја колешката Моника Зајкова која гостува вечерва заедно со мене и потврдува дека е направен еден значаен чекор кој е оправдан“, заклучува Јаревски.