Трошоците и Кина ги закочија приходите на „Volkswagen“ во третиот квартал

Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ извести за стагнација на приходите и значително помал профит во третиот квартал во средата, нагласувајќи ги високите трошоци и слабата побарувачка во Кина.

Во периодот од јули до септември годинава приходите на VW изнесуваат 78,5 милијарди евра и се задржани на нивото од летото минатата година. Добивката по оданочување е повеќе од преполовена, на 1,6 милијарди евра.

Во текот на летото групацијата продала 2,12 милиони возила, за 8,3 отсто помалку од минатата година.

Испорачале 711.500 возила на клиентите во Кина, 15 отсто помалку отколку во третиот квартал од минатата година. Така, уделот на VW на кинескиот пазар е намален во третиот квартал, со поповолните цени на конкуренцијата и штедењето на граѓаните во услови на забавување на економската активност и криза во секторот на недвижности.

Продажбата на автомобили во Европа е намалена за околу два милиона годишно од почетокот на пандемијата, при што VW има удел во тоа од една четвртина. Американските и кинеските производители нудат поевтини модели и му поткраднаа дел од европскиот пазар од германскиот гигант.

Светла точка во периодот од јули до септември е подобрувањето на побарувачката во Западна Европа благодарение на постепеното воведување нови модели, изјави финансискиот директор Арно Антлиц.

Во септември, најголемиот европски производител на автомобили ги намали проценките за годишните деловни резултати, по вторпат за помалку од три месеца. Во средата потврдија дека оваа година на клиентите треба да им испорачаат околу девет милиони возила, односно 2,6 отсто помалку од лани. Нивниот приход би требало да изнесува околу 320 милијарди евра и да биде нешто помал од 2023 година.

На почетокот од септември, менаџментот сигнализираше дека може да затвори три фабрики во Германија и најави дека ќе го откаже долгогодишниот договор со претставниците на работниците кој исклучува отпуштања до крајот на 2029 година и е во сила од 1994 година. Тие тогаш нагласија дека брендот VW треба темелно да се реструктуира и дека сегашните планови за намалување на бројот на работници нема да бидат доволни за намалување на трошоците.

VW планира да отпушти повеќе десетици илјади вработени, да затвори три фабрики во Германија, да ги намали платите за 10 отсто и потоа да ги замрзне во 2025 и 2026 година како дел од реструктуирањето, изјави претходно седмицава претседателката на работниот совет Даниела Кавало.

Предложеното намалување на платите од 10 отсто ќе му заштеди само на водечкиот бренд речиси 800 милиони евра годишно, објави во вторникот германскиот деловен весник Handelsblatt, додавајќи дека компанијата има намера да заштеди првенствено со намалување на платите. Синдикатот IG Metall, пак, побара зголемување на платите за седум отсто и се закани дека на почетокот на декември ќе протестира доколку раководството не го прифати нивното барање.