Новиот челник на Хезболах, Наим Касем, во своето прво обраќање откако беше избран на функцијата на 29-ти октомври, во средата изјави дека ова либанско шиитско движење кое има и свои вооружени формации ќе продолжи да го спроведува својот воен план во војната со Израел.
„Ќе продолжиме со нашиот воен план во зацртаните политички рамки, ќе останеме на нашиот воен пат“, изјави Касем додавајќи дека планира да ја следи агендата којашто ја постави неговиот претходник Хасан Насрала, кој беше убиен во израелски воздушен напад во главниот град на Либан.
Касем додаде дека Хезболах „може да продолжи да се бори со денови, седмици и месеци“.
„Земинете си од нашата земја ако сакате да ги намалите загубите, ако останете ќе платите“, му порача Касем на Израел.
Истовремено, израелската војска во средата изврши масовни воздушни напади врз историскиот град Баалбек и околните села во источниот либански регион долината Бекаа, населена со муслимани и христијани, каде се лоцирани значајните древни археолошки наоѓалишта од римскиот период, соопштија безбедносни извори, по наредбата на израелската војска за евакуација на градот и неговите предградија.
Во моментов нема информации за жртви. Илјадници луѓе го напуштија градот откако беше издадена наредбата за евакуација, околу четири часа пред почетокот на нападот.