Заврши мерката за ограничување на маржите – Ќе се зголемат ли цените на производите?

Завршува мерката за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи што беа опфатени со есенската потрошувачка кошница. Одлуката ја донесе Владата во втората половина на септември, а со неа беа опфатени 73 основни прехранбени производи на кои бруто профитната маржа им беше ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало.

Владата најавува дека жестоко ќе се спротистави доколку повторно се зголемат цените. Премиерот Христијан Мицкоски завчера најави дека ќе се искористат сите алатки што ѝ стојат на располагање на владата со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

– Очекувам заедно со коморите, трговците и со производителите да не дојде до дивеење. Ако дојде до тоа, жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со се што имаме како алатка на располагање – изјави Мицкоски.

Од Сојузот на синдикати на Македонија каде што ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошница со показатели колкави се минималните трошоци на едно четиричлено семејство велат дека мерката на Владата не ги дала посакуваните резултати затоа што трговците ја изиграле.

– Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но, поради алчноста за профит кај трговците што државата мора да го заузда, тие, кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка ги зголемија цените на сите производи- велат од ССМ.

Податоците на ССМ покажуваат дека на едно четиричлено семејство во октомври му биле потребни минимум 61.249 денари за подмирување на основните потреби. Овој износ се зголемува доколку семејствата плаќаат и кирија за стан. Најголем дел од месечните потреби или 22.069 денари биле потребни само за храна и пијалоци.

Во рамки на мерката на владата наречена есенска потрошувачка кошница беа опфатени 73 производи на кои им беше ограничена бруто профитната маржа на 10% во трговијата на големо и мало. Производите во маркетите беа обележени со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.

Од Владата, според досегашните изјави, најавуваат и новогодишна, божиќна, рамазанска… потрошувачка кошница со ограничено времетраење.