Зоолошката градина во изминативе три години е во најлошата можна состојба

На седницата на Советот на Град Скопје, советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, истакна дека животните во зоолошката градина не се виновни за тоа што им се случува заради неспособноста на кадрите на градоначалничката Арсовска.

„На ова раководство на градот и на зоолошката градина се бројат деновите и месеците. Било кој да дојде потоа јас сум уверен дека веднаш ќе настане една револуција во скопската зоолошката градина, затоа што било кој градоначалник после оваа градоначалничка ќе си го сака многу повеќе Скопје од неа“, нагласи Кирков.

Советникот даде осврт и на последните случувања со зоолошката градина каде што поради лице кое што било вработено во истата, им била попречена работата на инспекторите од АХВ. За ова и за уште една работа, на истото лице му била поднесена и кривична пријава.

„После записникот од страна на МВР е поднесена соодветна кривична пријава за попречување за движење во заразно подрачје без заштитна опрема. Еве до таму оди безобразноста и како се работи со зоолошката градина со овој менаџмент и оваа градоначалничка’’, додаде Кирков.