Во средата вечерта, при рутинска контрола, полицијата во Берлин открила сомнително лице кое побегнало и оставило експлозивна направа на градската железничка станица, објавија во четвртокот германските медиуми.
При рутинска контрола во берлинскиот кварт Нојкелн, каде што живеат голем број граѓани од арапско потекло, осомничениот побегнал и зад себе оставил торба со експлозивна направа од над половина килограм експлозив.
Станува збор за експлозив ТАТР кој го користеле припадници на исламистичката сцена и кој веќе бил користен во неколку терористички напади. Овој вид експлозив го користат и криминалните групи при ограбување банкомати.
Полицијата соопшти дека истрагата во моментов се води „во сите правци“, но во истрагата е вклучена и Управата за заштита на уставниот поредок, која постапува само доколку постои сомневање за терористичка заднина.
Неколку германски медиуми објавија видео за надзорните камери од станицата на кое се гледа како млад човек носи торба со експлозив.
Полицијата одлучила да го активира експлозивот во блискиот парк, бидејќи не можело да се гарантира безбеден транспорт на експлозивната направа до депонијата која се наоѓа на другата страна на Берлин.
При бегството преку шините, осомничениот останал без личната карта, која полски државјанин ја пријавил како украдена на почетокот од годинава. Полицијата соопшти дека фотографијата од личната карта „дефинитивно“ не се совпаѓа со фотографијата од надзорните камери.
Претставниците на полицискиот синдикат уште еднаш укажаа на големата опасност од напади на сообраќајните клучки кои поради недоволниот број полицајци се недоволно заштитени.
Берлинскиот кварт Нојкелн неодамна стана познат по насилните пропалестински протести и нападите врз полицајците и претставниците на државните служби, како што се пожарникари и амбулантни возила. Од почетокот на осумдесетите во овој дел на градот живеат голем број бегалци од Либан, а познат е и по т.н. клански криминал. Членови на арапски кланови од оваа населба во последните години учествувале во неколку спектакуларни кражби, како што е грабежот на накит и злато од неколку музеи во Берлин и Дрезден.