Божиновска е поголема Македонка од сите пратеници на СДСМ заедно

Наместо да сме горди што имаме професионалец, што е успешна и што за неа знае светскиот бизнис-крем, ние измислуваме приказни што немаат никаква врска со енергетиката. Со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница ја бранеше министерката за енергетика Сања Божиновска откако пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, праша дали ќе биде побарана нејзина одговорност.

Според Мицкоски, тоа што Сања Божиновска е дел од македонската влада е привилегија затоа што, како што рече, „тоа што таа го има направено на професионален план во енергетиката вие не можете ниту да го сонувате, а камоли да се приближите до тие резултати“.

– Сега имаме состојба којашто веројатно е променета, а се однесува на носењето на одлуките при креирањето на Владата. Впрочем излегоа информации во јавноста дека во Владата имаме министер кој се изјаснува дека е со бугарска самосвест. Немам ништо против, тоа е природно право и секој може тоа да го каже. Меѓутоа прашањето ми е дали при составот на Владата, при разговорите што сте ги имале со кандидатите, бевте информирани за една ваква ситуација и можеби начелото: Прво Бугарите во Владата, па после во Уставот ќе вроди со плод и тоа е начинот на којшто ќе дојдете до промена на Уставот, нели новиот план што го претставивте и во изборната кампања и на изборите. Еднаш Божиновска велеше дека нема бугарско државајнство, потоа дека адвокати биле одговорни, за да излезе документ, потпишан од неа дека има бугарска самосвест. Она што сега во јавноста кружи сакам да ве прашам дали ќе се побара одговорност од министерката Сања Божиновска? – праша пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.

Мицкоски, пак, му одговори дека Божиновска е поголема Македонка од сите пратеници на СДСМ заедно.

– Да биде Сања Божиновска дел од македонската влада е привилегија. Нејзините резултати во енергетиката се нешто кое може да го сонувате. Зборуваме за работи за кои јавноста не ја интересираат. За неа знае бизнис кремот од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина. Измислуваме приказни кои немаат никаква врска ни со енергетиката, ни со минералните суровини. Тоа е исто како да зборуваме сега за тоа што вие дававте пасоши на белосветски криминалци. Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно – кажа Мицкоски.