Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на пратеничко прашање за безбедносната состојба во државата рече дека статистиките покажуваат пад во крининалитетот во однос на убиствата и на разбојништвата годинава во однос на минатата година кога министер за внатрешни работи бил Оливер Спасовски.
– Ваша работа е да барате оставка, доколку сметате дека некој не работи како што треба. Но, во 2023 година на територија на Македонија има 23 убиства, досега во 2024 година 16 убиства. Во 2024 година две нерасчистени, 2023 година пак две нерасчистени, но ниту еднаш во 2023 година за овие 23 убиства кои се случени ниту еднаш не излеговте да побарате оставка од почитуваниот Спасовски. Тука е лицемерието што јавно им го покажувате на македонските граѓани. На територија на град Скопје во текот на 2023 година имало околу 300 разбојништва, 2024 година околу 150 досега или околу 35 отсто помалку од истиот период лани. Факт е дека бројките се намалени и дека за 320 разбојништва ниту еднаш не побаравте оставка од мојот претходник на позицијата, а од мене побаравте 300 пати, рече Тошковски.
Во однос на убиствата во Чаир и во Лептокарија, Тошковски рече дека сторителите се во притвор и дека МВР ја завршило својата работа.
На денешната седница беше поставено прашање и за компентенциите на директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска за која премиерот Христијан Мицкоски укажа дека таа работела како вероучител во четири основни училишта во Општина Куманово и во кампови организирани од црквата.
Во однос на администрацијата, Мицкоски рече дека реформите во оваа област се приоритет на Владата и дека за кратко време на дневен ред во Собранието ќе се дебатира за законските решенија.