Анкета на СКМ: На приватните компании од централната власт им биле барани до 10 илјади евра мито за разни дозволи

Од 1000 до 10 000 евра им биле барани на приватните компании за одредени дозволи, инспекциски надзори, царински, а кај јавните набавки 6 до 10 проценти од вредноста на тендерот. Дури 78 отсто од коруптивните барања доаѓале од централната власт. Ова го покажа анкетата на Стопанската комора на Северна Македонија, спроведена лани, а со која биле опфатени 138 приватни компании, од кои 53 проценти се изјасниле дека биле соочени со коруптивни барања.

Резултатите од анкетата беа соопштени на денешната обука „Бизнис интегритет“, која се одржа во Прилеп со компаниите од градот и регионот, организирана од Стопанската комора на Северна Македонија.

„ Резултатите од анкетата се такви какви што се. Првото е што 83 проценти од анкетираните компании сметаат дека корупцијата е еден од трите најважни проблеми во државава кој треба да ги решиме и второ, анкетата покажа дека дури 96 проценти од компаниите кои одговорија, сметаат дека може да се има успех во борбата против корупцијата, што е охрабрувачки елемент, при што тие делумно се вртат и кон самите себе и велат дека имаат потреба да внесат, да вградат, или да ги засилат своите механизми за спречување на корупцијата, изјави Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора.

Претседателот на Регионалната стопанска комора од Прилеп, Никола Мариноски, смета дека се потребни казни и независен, стабилен судски систем.

Доколку се воспостави добар судски, мериторен систем каде ќе може да се казнуваат таквите коруптивни дела, сметам дека ќе може да исчекориме напред. Сметам дека доколку државата воведе систем, најпрво на казни, односно судскиот систем да почне да казнува, тогаш сметам дека ќе се намали оваа, како што кажа и американската амбасада, ендемска корупција во нашава држава, рече Марионски.

Инаку во извештајот кој Европската Комисија го објави вчера, за напредокот на Северна Македонија во процесот за влез во ЕУ, се вели дека државата нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата и корупција останува распространета во многу области и е прашање на сериозна загриженост.

За да се подобрат перформансите на ДКСК, Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот, ЕК оценува дека треба да добијат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка.

Измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, ЕК оценува дека ја ослабнаа правната рамка негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, порачувајќи дека земјава во следната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.