Потврдени 14 жртви во несреќата во Нови Сад, Вучиќ бара кривична и политичка одговорност

Голема трагедија ги снајде Нови Сад и Србија, 14 лица загинаа, а се надеваме дека ова ќе биде конечната бројка, објави во петокот вечерта српскиот претседател Александар Вучиќ по несреќата на железничката станица во Нови Сад и побара кривична и политичка одговорност.

Четиринаесет лица, меѓу кои и шестгодишно дете, денеска околу пладне загинаа при уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Тројца помлади луѓе се тешко повредени, од кои на едното му е ампутирана ногата, потврдија од обвинителството и лекарите.

Осум од загинатите се државјани на Србија, еден од Македонија, а петмина од загинатите сѐ уште не се идентификувани.

Во обраќањето до јавноста во врска со несреќата, Вучиќ нагласи дека бара од обвинителството во Нови Сад и српската влада одговорните за уривањето на настрешницата да бидат кривично гонети и најстрого казнети. Додаде дека нема да се занимава со „оние кои ќе се кријат од одговорноста под покровителство на властите“.

„Барам политичка одговорност, а пред тоа секако кривична… Одговорните, ве уверувам, ќе бидат казнети“, посочи Вучиќ.

Железничката станица во Нови Сад е изградена во 1964 година, а реконструкцијата започна во октомври 2021 година, со цел зградата свечено да биде отворена во екот на предизборната кампања во март 2022 година, а потоа повторно да биде затворена поради продолжување на работите.

Во јануари Министерството за транспорт и Српското претпријатие за железничка инфраструктура одбија да достават договори и фактури поврзани со оваа работа.

Министерството одби да открие податоци за реконструкцијата на станицата затоа што, наводно, кинескиот изведувач – конзорциумот CRIC-CCCC – не сака тие да бидат достапни на јавноста пред крајот на проектот, објави порталот 021.rs на 26 јануари. Од министерството не прецизираат на која правна основа се кријат документи од јавноста, пишуваат вечерва српските портали.

Невладината организација „Крени – Промени“ соопшти дека како информација од јавно значење ги бара „сите релевантни информации во врска со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, а особено објавувањето на договорите кои се прогласени за деловна тајна.

Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ по несреќата изјави дека одговорноста за денешната трагедија ќе се утврдува во наредните денови.

Конзорциумот CRIC-CCCC соопшти дека бетонската настрешница која се урна не е предмет на реконструкција, објави порталот 021.

„Настрешницата на железничката станица во Нови Сад беше составен структурен дел од зградата на станицата и беше изградена истовремено со зградата на старата станица“, се наведува во соопштението на CRIC-CCCC и изразува „длабока тага за жртвите, како и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите“.

Српскиот претседател вечерва изјави дека „речиси е неверојатно што 60 години не сме ја реновирале настрешницата“. „Дали сите сме виновни во последните 60 години, што не успеавме да ја вратиме инфраструктурата насекаде – сигурно“, рече Вучиќ.

Во исто време на социјалните мрежи се споделуваат фотографии и видеа од реновирањето на станицата, меѓу кои и натстрешниците на влезот во зградата под кои денеска загинаа 14 лица.

Жителите на Нови Сад вечерва палат свеќи и носат цвеќе недалеку од местото на несреќата, каде спасувачките екипи и служби се уште ги расчистуваат урнатините.