Руските специјални сили го извлекле Американецот Даниел Мартиндејл, кој со информации им помагал на руските трупи кои војуваат во Украина, пренесуваат руските медиуми во саботата откако тој одржа прес-конференција во просториите на медиумската групација „ Россия сегодня“ чии изданија се под санкции на западот под обвинение за „ширење лажни вести“ и водење „пропаганда во полза на Кремљ“.
„На 27-ми октомври 2024 година руските војници, кои изведуваа борбени операции во селото Богојавленка (во источната украинска област Доњецк), од зоната на воени дејствија беше извлекоа и о транспортираа во (градот) Доњецк, американскиот државјанин Даниел Мартиндејл“, објави претходно агенцијата РИА повикувајќи се на разузнавачки извори.
Соговорникот рекол дека Американецот на територијата на Украина се наоѓал од 11-ти февруари 2022 година, односно околу две седмици пред Русија да ја започне инвазијата во соседната земја. Меѓутоа, по сопствена иницијатива Мартиндејл стапил во контакт со руските безбедносни структури и две години им ги пренесувал координатите на украинските воени објекти. Информациите што им ги доставувал на руските војски повеќепати придонеле за масивни прецизни удари врз инфраструктура, воена опрема и жива сила на украинската војска.
Самиот Американец во саботата пред новинарите потврди дека во Москва се наоѓа доброволно.
„Моето име е Даниел Мартиндејл. Еве го мојот пасош, тој мона низ војната со мене, како што можете да видите од неговата состојба“, рече Американецот.
Мартиндејл потврди дека на 11-ти февруари 2022 година допатувал во Украина од Полска, каде што бил мисионер и сака да замине во Доњецк. Набрзо му станало јасно дека за тоа е неопходно да го координира своето движење со руската страна и успеал да стапи во контакт со руски извори преку платформата Telegram.
„Требаше да разберам каде е линијата на фронтот, каде се наоѓаат руските војници. Почнав тоа да го следам преку вестите, гледав разни Telegram канали. Најдов канал кој беше поврзани со единици на територијалната одбрана на (непризнаената самопрогласена и присоединета на Русија -з.р., ) Доњецка Народна Република, таму имаше бот. Контактот со руската страна го одржував главно преку Telegram, добивав пораки преку овој бот“, раскажа Американецот пред новинарите во Москва.
Истакнал дека следењето на информациите од тие извори и натамошното нивно анализирање му овозможиле „да го сфати конфликтот“ и да разбере што се случува од гледна точка на граѓаните на Украина и на Русија.
„Последните две години сторив сѐ за да ги одржувам руските војници во живот и да осигурам некаква иднина за Русите во Украина. Би сакал да продолжам да го правам тоа“, рекол Мартиндејл.
„Во Полска бев веќе две години пред војната. Бев мисионер, и ги следев вестите во западните медиуми и сфатив дека е голема веројатност дека ќе започне војна во Украина…. Одамна сакав да допатувам во Русија, и сфатив дека ова е моментот што го чекав“, вели Американецот.