Австрија: Ловецот осомничен за убиство на градоначалникот пронајден мртов

Австриецот осомничен дека застрелал две лица во, како што се верува, расправија за лов, е пронајден мртов поради наводно самоубиство, објави во саботата локалната полиција.

Се верува дека 56-годишниот маж, кој наводно бил „фанатичен ловец“, за два часа во понеделникот го убил градоначалникот на австриското село Кирхберг об дер Донау и поранешен водич во лов, двајцата на возраст од 64 години.

Според официјални извори, 64-годишниот градоначалник на Кирхберг на Дунав, на границата со Германија и Чешка, кој има околу илјада жители, „најверојатно бил убиен поради дозволата за лов“. Неговото тело било пронајдено во поле, на неколку километри од местото. Регионалниот гувернер Томас Зелцер изрази жалење за „незамисливиот чин што ја шокираше земјата“ и упати сочувство до семејствата на загинатите.

Телото на осомничениот во меѓувреме е пронајдено и идентификувано, изјави портпаролот на полицијата. „Околностите укажуваат дека тој се самоубил“, додал портпаролот.

По убиствата извршени во понеделникот, властите покренаа голема потера која неколку дена сериозно го наруши животот во покраината Горна Австрија.

Со оглед на тоа што осомничениот имал расправија со бројни сограѓани, 50 лица биле ставени под полициска заштита или пренесени на безбедни локации. Јавните настани беа откажани и многу локални жители рекоа дека се плашат да излезат на улица поради напаѓачот. Во полицијата во изминатите денови пристигнале околу 400 пријави од граѓани. Автомобилот на ловецот во бегство бил пронајден во петокот.

Просторот околу местото на злосторството со денови го пребаруваше голем полициски контингент. Околу 250 полицајци со крајна претпазливост ги прочешлувале густите грмушки. Портпаролот на специјалната полициска единица донесена да помогне во потрагата рече дека властите веруваат дека имаат работа со „многу опасен противник“.

Инспекторите сè уште се обидуваат попрецизно да ги утврдат движењата и локацијата на осомничениот во деновите меѓу смртоносните истрели до откривањето на неговото тело.