Харис и Трамп во тесна трка во „колебливите“ државите, според анкетата на NYT

Два дена пред претседателските избори во САД, демократската кандидатка Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп сè уште водат многу тесна трка во седум сојузни држави што ќе го одреди исходот од изборот на 47-ми американски претседател, според анкетата спорведена од весникот The New York Times и колеџот Сиена, објавена во неделата.

Според ова истражување, Харис има благо водство во Невада, Северна Каролина и Висконсин, додека Трамп води во Аризона. И двајцата се многу изедначени во Мичиген, Џорџија и Пенсилванија и водат мртва трка.

Во анкетата учествувале 7.879 гласачи во споменатите седум држави, а таа била спроведена во периодот од 24 октомври до 2 ноември. Во сите седум држави, маргината на грешка е 3,5 процентни поени.

Околу 40 отсто од испитаниците веќе гласале, а Харис води меѓу таа група со 8 процентни поени, додека Трамп води меѓу групата гласачи кои рекле дека ќе гласаат, а тоа не го направиле претходно.НЅТ

Тесната трка во Пенсилванија покажува дека Трамп бележи раст во државата во која Харис до неодамна беше во предност со четири процентни поени во сите анкети на NYT.

И двајцата кандидати викендов одржуваат собири во клучните сојузни држави. Харис ја продолжува својата кампања во неделата во Мичиген, додека нејзиниот републикански ривал Доналд Трамп ќе ги помине последните денови пред изборите, за кои би можеле да одлучува многу мал дел од гласачите, во три клучни држави на истокот на земјата, Пенсилванија, Северна Каролина и Џорџија.