Последниот ден од кампањата пред претседателските избори во САД со тврдења за изборни измами

Претседателските кампањи на двајцата кандидати на претседателските избори во САД го имаат последниот ден во понеделникот, а и двајцата ќе го искористат за да одржат неколку собири на местата кои ги сметаат за клучни за победа на изборите во вторник.

Американските гласачи остануваат поделени меѓу републиканецот Доналд Трамп и демократката Камала Харис, при што анкетите покажуваат неизвесна трка, особено во седумте клучни држави кои се очекува да го одлучат победникот.

Трамп, 78-годишен републиканец, милијардер и поранешен претседател, преживеа два обида за атентат за време на кампањата, само неколку седмици откако поротата во Њујорк го прогласи за виновен за фалсификување деловна документација за исплата во замена за молчење на поранешна порно-старелта за нивната сексуална врска пред да ја објави својата кандидатура на претседателските избори во 2016 година, со што стана првиот поранешен претседател на САД кој е осуден за кривично дело.

Во јули, Харис неочекувано стана кандидат на нејзината партија, давајќи ѝ шанса да стане првата претседателка на САД, откако актуелниот претседател Џо Бајден под жесток притисок на неговата Демократска партија беше принуден да се откаже од трката, особено по катастрофалниот настап во телевизиската дебатата.

Анкетите покажуваат дека двајцата кандидати се изедначени на национално ниво, но и во „колебливите“ сојузни држави, таканаречени „swing states“.

Повеќе од 77 милиони Американци веќе го дадоа својот глас, но денот на изборите ќе покаже чија кампања беше поуспешна во мотивирањето да излезат на гласање.

Во последните денови од кампањата, двете партии ги преплавија социјалните мрежи и традиционалните медиуми со последниот круг од промоцијата, но и со волонтери кои тропаа на вратите на потенцијалните гласачи.

Противниците на Трамп го обвинуваат него и неговите сојузници, кои продолжуваат да тврдат дека изборите во 2020 година се украдени во полза на актуелниот претседател Бајден, дека со месеци подготвуваат терен за повторно да ги оспорат изборните резултати во случај на негов пораз. Тој најави дека ќе ги гони оние кои евентуално лажирале на изборите, а демократите ги опиша како „внатрешен непријател“.

На собирот во неделата, републиканецот се пожали на празнините во стаклото отпорно на куршуми што го штити, саркастично забележувајќи дека убиецот би морал да пука преку претставниците на медиумите за да го погоди „што не би му пречело многу“, пренесува Reuters.

Харис го претставува Трамп како „закана за демократијата“, но во неделата во Детроит таа звучеше оптимистично, пренесуваат медиумите кои ги поддржуваат демократите.

„Додека патувам низ земјата, гледам Американци од таканаречените ‘црвени’ држави до ‘сини’ држави кои се подготвени да го променат текот на историјата кон правдата“, рече Харис.

Истражувањето на Ipsos и Reuters на крајот од октомври покажа дека гласачите ја сметаат заканата за демократијата втор најголем проблем со кој се соочуваат САД, по економијата.

Трамп верува дека економските прашања и високите цени, особено на храната и станарината, ќе го вратат во Белата куќа.

„Ќе ви ги намалиме даноците, ќе ставиме крај на инфлацијата, ќе ги намалиме цените, ќе ги зголемиме вашите плати и ќе вратиме илјадници фабрики во Америка“, рече Трамп на собирот во Пенсилванија во неделата.

Во понеделник републиканецот ќе посети три од седумте сојузни држави. Прво оди во Роли, во Северна Каролина, потоа во Ридинг и Питсбург, во Пенсилванија, а потоа во Гранд Рапидс, во Мичиген. Изборите ќе ги следи од својот дом во Палм Бич на Флорида.

Харис планира да го помине понеделникот во Пенсилванија. Денот ќе започне во Алентаун, еден од најнеизвесните делови на оваа држава, а потоа ќе оди во Питсбург и Филаделфија.

Непартиски анкетари проценуваат дека на Харис ѝ се потребни околу 45 електорски гласови во седумте клучни држави за да влезе во Белата куќа, додека на Трамп му се потребни околу 51.