Лига на шампионите: Бродолом на Сити во Лисабон, триумф на Милан во Мадрид

Целосен потоп од фаворите, е резимето од првата вечер од 4. коло од лигашкиот дел од натпреварувањето во фудбалската Лига на шампиони; Милан го победи Реал со 3:1 во Мадрид, Спортинг го победи Манчестер Сити со 4:1 во Лисабон.

Тимот на Пеп Гвардиола претрпе три последователни пораза во една седмица, што е невидено за време на неговото осумгодишно владеење во Манчестер Сити. Најпрвин беше поразен во Карабао купот од Тотенхем (1:2), во првенството од Бурнмаут (1:2), а на стадионот „Хозе Алваладе“ во Лисабон, шведскиот напаѓач Виктор Гјокерес постигна „хет-трик“, иако Сити поведе во 4.минута со голот на Фил Фоден.

Гјокерес го постигна првиот од своите три гола во 38. минута. На почетокот на вториот дел, во 46. минута, Максимилијано Араухо ѝ побегна на гостинската одбрана и погоди за 2:1. Само три минути подоцна Гјокерес реализираше пенал, а истиот играч во 81. минута го комплетираше „хет-трикот“ со уште еден прецизно изведен удар од белата точка.

Помеѓу два удари од белата точка на Спортинг, шанса за гол имаше и англискиот шампион, исто така, од белата точка, но Ерлинг Халанд шутираше со сета сила и ја испрати топката во гредата.

Тренерот на Спортинг, Рубен Аморим не можеше да замисли подобро збогување од клубот Спортинг во однос на менаџирањето на натпреварите на домашен терен, како и подобра најава за неговото претстојно доаѓање на „Олд Трафорд“, во црвениот дел на Манчестер.

Откако Барселона го демолираше Реал Мадрид во „Ел Класико“ пред неовите навивачи во домашниот шампионат, Милан, клубот во кој Карло Анчелоти освојуваше трофеи и како играч и како тренер, изненадувачки го направи истото во Лигата на шампионите.

Малик Тиау го доведе Милан во водство во 12. минута. Израмни Винисиус Жуниор во 23. минута од пенал. Алваро Мората погоди против својот поранешен клуб во 39. минута и повторно му донесе предност на Милан. Конечните 3:1 ги постави Холанѓанецот Тијани Рајндерс во 73. минута. Реал постигна гол за надеж во 81. минута, но голот на Рудигер подоцна беше поништен со интервенција на ВАР просторијата, поради офсајд позиција на домашните напаѓачи на почетокот од акцијата.

Штурм имаше 0:0 во Дортмунд до 86. минута, а потоа Дониел Мален на асистенција на Серху Гираси им донесе победа на минатогодишните финалисти во Лигата на шампионите.

Се славеше и на „Селтик Парк“, каде шкотскиот шампион го совлада фаворизираниот РБ Лајпциг со 3:1. Сѐ започна добро за Германците, кои поведоа во 23. минута со голот на Криштоф Баумгартнер. Сепак, до полувремето Селтик го сврте резултатот, а двата гола ги постигна Николас Кун, играч кој израснал во Лајпциг. Конечните 3:1 ги постави Јапонецот Рео Хатате. Така РБ Лајпциг го доживеа четвртиот пораз во новиот формат на Лигата на шампионите.

Болоња пред своите гледачи беше поразена од Монако со минимални 1:0, а три бода на гостите им донесе Тило Керер со голот во 86. минута.

Најубедливата победа на вечерта ја оствари Ливерпул, кој на својот „Енфилд“ го совлада Баер Леверкузен со 4:0, оставајќи го актуелниот германски шампион без гол втор натпревар по ред. Луис Дијаз ја начна мрежата на гостите во 61. минута. Само две минути подоцна Коди Гакпо го удвои водството. Дијаз го постигна вториот гол во 83. минута, а „хет-трикот“ го комплетираше во втората минута од додаденото време.

Ливерпул е првиот тим што ја завршил половината од лигата со максимални 12 бода, а може да му се приклучи само Астон Вила доколку во среда победи на гостувањето кај Клуб Бриж.

Единствениот натпревар во кој немаше победник во вторникот се одигра во Лил. Истоимената домашна екипа поведе во 27. минута со голот на Џонатан Давид, а Душан Влаховиќ во 60. минута реализираше пенал и му донесе бод на Јувентус.