Првите шест американски сојузни држави ги затворија гласачките места во еден часот по средноевропско време, а во повеќето од нив како што се очекуваше победи Доналд Трамп, според проекциите на американските медиуми.
Трамп ги освои Индијана, Кентаки и Јужна Каролина, давајќи му ги првите 28 електорски гласови од 270 потребни за освојување на Изборниот колеџ. Камала Харис го освои Вермонт и неговите тројца електори. Сите овие резултати се во согласност со очекувањата.
Гласачките места се затворени и во Вирџинија и во сојузната држава Џорџија, но сè уште нема проектиран победник.
Во 1,30 часот по средноевропско време би требало да се затворат избирачките места во Западна Вирџинија и Охајо, каде што традиционално победуваат републиканците, па се очекува да ги добие Трамп како и Северна Каролина, која им припаѓа на таканаречените „колебливи“ држави.
Потоа, за два часа гласачките места ќе се затворат во дваесетина сојузни држави, а меѓу нив е и Пенсилванија, која се смета за клучна за одредување на победникот на овогодинешните избори.
Анкетите покажуваат дека двајцата кандидати се изедначени на национално ниво, но и во „колебливите“ сојузни држави, што ги прави овие избори најнеизвесни.
Сите избирачки места ќе бидат затворени до пет часот по средноевропско време, освен во Алјаска.