Најмалку 89 лица сѐ уште се водат како исчезнати по смртоносните поплави во југоисточна Шпанија, соопшти во вторникот доцна вечерта регионалната судска власт во Валенсија.
Во бројката се вклучени само оние чие исчезнување го пријавиле членовите на семејството. Семејствата дадоа лични податоци и биолошки примероци за да се овозможи идентификација на исчезнатите.
Сепак, може да има и други лица чие исчезнување не е пријавено или чии информации сѐ уште не се дадени.
„Сѐ уште има исчезнати лица кои треба да се најдат“, рече премиерот Педро Санчез на прес-конференција во Мадрид.
Пред една седмица реките се излеаја по обилните дождови, а поројот однесе најмалку 217 животи. Форензичарите досега идентификувале 133 лица.
„Домовите и деловните објекти се уништени, затрупани под кал, а се уште има многу луѓе без потребната храна. Мораме да продолжиме да работиме“, рече Санчез.
Додаде дека владата ќе одвои 10,6 милијарди евра за помош на настраданите.
Метеоролошката служба AEMЕТ во вторникот извести дека „нестабилноста ќе се зголеми во медитеранската област и на Пиринеите во наредните денови“.
„Очекуваме обилни врнежи на Балеарските Острови, Каталонија и провинцијата Валенсија. Но, нема да има ни приближно толку дожд како минатата седмица“, објави АЕМЕТ преку социјалната мрежа Х.
.