Македонски загрижувачки состојби за студентскиот стандард

Деновиве на седница што ја организираше во собранискиот клуб за младински прашања и политики во Скопје, Државниот завод за ревизија на Република Македонија (ДЗР), констатира дека Република Македонија во 2022 година, потрошилa приближно 22,6 милиони евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие пари 50% се исплатени за студентски оброк, 40% за стипендии, 17% за сместување и исхрана, а 3% за останати расходи.

На што упатува главниот државен ревизор

Во конечниот извештај, Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил дека мерките и политиките што ги презеле надлежните органи за студентски стандард се недоволно ефикасни за да се создадат соодветни услови за стипендии, сместувања и исхрана на студентите. Oва го истакна главниот државен ревизор, Максим Ацевски, на презентацијата на Извештајот во Собранието. Тој истакна дека се констатирани „поразителни бројки и состојби кои не упатува на услови што би требало да бидат хумани за живеење на нашите студенти“. Притоа, истакнувајќи дека ниту студентските домови, ниту надлежното министерство, немаат стратегија за утврдување пристап за постапување кон овој проблем.

„Сето ова укажува дека во суштина се одлеваат недоволно средства, но и во она што се одлева, има слабости во начинот на користење. Од 11,37 милиони евра кои се исплаќаат за студентски оброк или 50,2% од вкупните расходи, се исплатуваат на начин кој не обезбедува целосна потврда дека средствата се исплатени за оброк. Во 2022 година, исплатата се вршела на трансакциските сметки на студентите кои тие средства можеле да ги користат за сосема друга намена, а не за намената што е утврдена. Преземени се мерки во 2023 и 2024 година, но сѐ уште не е исполнето она што е законски начин на исплата на средствата“, ќе рече Ацевски на седницата што ја организираше собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

Државниот ревизор Максим Ацевски, посочува дека Извештајот укажува на поразителни бројки за сместувачки капацитети, условите и перцепцијата на задоволство од студентите за што говорат нивните поплаки дека во дел од домовите нема топла вода или стабилен интернет.

„Од 12 оценки, имаме добиено две единици, осум двојки и само две тројки. Тоа е перцепцијата на нашите студенти во однос на квалитетот на сместување и квалитетот на храната во државните студентски домови“, истакнува ревизорот.

Цената за сместување во државните студентски домови, од 2008 година до сега, е непроменета и изнесува 6.820 денари, од кои половината ги субвенционира државата, а другата половина ја плаќа студентот. Според Ацевски, со 16 години непроменета цена се прави вештачки притисок со цел да не се испорача квалитетна услуга кон студентите, односно кон граѓаните.

Во однос на цената за сместување за која во извештајот на Државниот завод за ревизија препорачува да биде двојно зголемена и да изнесува 14.680 денари.

Моја констатација

За надминување на овие проблеми Владата на Република Македонија треба да го задолжи Министерството за образование и наука, да направат МОНИТОРИНГ анализи за надминување на состојбите и да ги почитува и имплементира Извештаите од Државниот завод за ревизија, во овој дел неминовна е потребата да се донесе нов Закон за студентскиот стандард.

Да се преиспита финансирањето на „шангајските“ стипендии

Главниот ревизор, Максим Ацевски на презентацијата на Конечниот ревизорски извештај за студентскиот стандард и условите во студентските домови повика „да се преиспита политиката на финансирање студии надвор од нашата држава“.

  • Дали ние сме богати за да ги финансираме другите држави, да ни се одлеваат нашите стручни високообразовни кадри во други држави истакна Ацевски откако соопштувајќи ги наодите од извештајот за 2022 година, кој истакна дека 44,4% од парите за стипендии се наменети за 111 студенти запишани на првите сто рангирани универзитети според Шангајската листа.

Посочи дека од околу 3.100 барања од студенти на нашите универзитети, одобрени се 2.509 и дека соодносот на одобрени и неодобрени стипендии „укажува дека нешто недостига во системот на градење на политики, на рангирани на барателите и бројот на прифатени барања“.

Но, ако се изземаат овие 2.509 студенти коишто се одобрени во текот на 2022/2023 година, и ако се спореди колкав процент на средства се издвојува за овој број на студенти со бројот на студенти што државата ги финансира за студии во странство за првите сто универзитети, ќе констатираме дека дури 44,4% одат на овие 111 студенти. Може да видиме дискрапанца, дека 111 студенти го земаат колачот на стипендии 44,4% од 2.509 студенти кои се финансираат во државата.

И што имаме на крај? Во суштина нашата држава е толку богата што нашите деца и нашите таленти ги финансираме со сопствени средства на нашите даночни обврзници, а воопшто не водиме грижа тие таленти и високообразовни кадри да ги вратиме во нашата држава и дадат придонес во нашето општество , рече Ацевски.

Моја констатација

Загрижувачки состојби! Република Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светска Банка, речиси 40% од високообразовниот кадар ја има напуштено државата (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти.

Кој ги испушта талентите? Кој не се грижи за талентите? Има многу прашања. Но, едно мора да направи МАКЕДОНИЈА, а тоа е „НАЦИОНАЛНА ДРЖАВНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ДРЖАВАТА ОД ВИСОКООБРАЗОВЕН КАДАР“.

За тоа повеќе прочитајте:

Зошто министерството за образование и наука плаќа за стипендии, но нема никаква контрола

Алармантен губиток на таленти – Дали ќе се работи како до сега?

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес