Филков: Ефикасниот правосуден систем е клучен фактор за владеењето на правото

Ефикасниот правосуден систем има клучна улога во владеењето на правото, заедно со квалитетот и независноста на судството, изјави министерот за правда, Игор Филков, на отворањето на 15-тата сесија на Националната конвенција на Европската унија во Македонија.

Филков истакна дека ефикасниот правосуден систем е клучен за владеењето на правото и за борба против криминалот и корупцијата, како и за гарантирање на основните човекови права и слободи.

„Ефикасниот правосуден систем има клучна улога во владеењето на правото, заедно со квалитетот и независноста на судството. Тоа не е само еден од главните предуслови за создавањето на поволна инвестициска и бизнис-ориентирана средина, туку исто така и клучна претпоставка за борба против криминалот и корупцијата, и гаранција за основните човекови слободи и права“, рече тој.

Министерот подвлече дека должината на судските постапки е главен аспект на ефикасноста и дека долготрајноста на постапките останува еден од најголемите проблеми во правосудството, кој генерира повреди на човековите права.

Нагласи дека министерството целосно ја поддржува работата на платформата за реформи во правосудството и активно учествува во креирањето на препораки за унапредување на состојбите во судството и јавното обвинителство.

Темата на 15. Сесија на Работната група 3 , Правосудство и темелни права е „Пристап до правдата: Подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на судската правда“ од која ќе произлезат повеќе работни обврски за подобрување на состојбите.