Цените на нафтата под 74 долари, посилниот долар ја кочи побарувачката

Цените на нафтата паднаа на 74 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи шпекулациите на инвеститорите за политиката на Доналд Трамп по неговата победа на претседателските избори во САД го катапултираа доларот, намалувајќи ја побарувачката за нафта од купувачите со други валути.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше пониска за 1,51 долар отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 74,02 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по пониска цена од 1,62 долари, од 70,37 долари.

Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во вторникот се зголемила за 75 центи на 74,77 долари.

Кочница за цените на нафтата беше доларот, кој зајакна по победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД. „Зелената банкнота“ остро порасна наспроти кошницата од шест други главни светски валути, бидејќи инвеститорите велат дека даночната, трговската и имиграциската политика на Трамп може да го поттикне економскиот раст.

Државните трошоци би можеле да се зголемат во исто време, што би значело дека каматните стапки би можеле да бидат зголемени подолго време, шпекулираат инвеститорите.

Во вакви услови, индексот на доларот во средата поплането беше речиси за 2 отсто повисок од вчерашното затворање на тргувањето, а зајакнувањето на американската валута ја поткопува куповната моќ на купувачите на нафта со други валути, а со тоа и побарувачката.

Некои аналитичари, пак, се фокусираа на американско-кинеските односи. Ново-стариот американски претседател би можел уште повеќе да ја попречи кинеската економија со царини и со тоа да ја ограничи побарувачката во водечкиот светски увозник на нафта, забележува независната аналитичарка Тина Тенг.

Изборната победа на Доналд Трамп ги намали цените на нафтените пазари бидејќи „царините би биле негативни за економијата и за растот на побарувачката на нафта“, смета аналитичарот на UBS, Џовани Стауново.

Но, Трамп би можел повторно да воведе санкции за Иран и Венецуела, во тој случај цената на нафтата би се зголемила, бидејќи понудата би се намалила, ја сумира дилемата на Стауново за можните последици од влезот на републиканскиот кандидат во Белата куќа.

Ешли Келти од „Panmurа Liberum“ се фокусираше на односот на Трамп со енергетскиот сектор. „Тој навистина не е заинтересиран за обновливите извори на енергија и активно ќе го поттикнува растот на производството на нафта во САД“, проценува Келти.

Нивните шпекулации го засенија постепеното затворање на производството во американскиот Мексикански залив поради прогнозите дека тропската бура Рафаел би можела да зајакне во ураган од прва категорија.