Европската унија мора да биде обединета и тесно да се координира во поглед на враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, изјавија во средата лидерите на Германија и Франција, откако разговараа за координацијата на нивниот одговор.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц му честитаа на Трамп за изборната победа, но ги истакнаа и предизвиците на неговата протекционистичка трговска политика и изолационистичката реторика отелотворени во слоганот „Америка на прво место“.
„Европската унија мора да застане заедно и да дејствува на обединет начин“, рече Шолц за новинарите, додавајќи дека тој и Макрон тесно се координираат со другите европски шефови на држави и влади.
Макрон на X објави дека Берлин и Париз ќе работат кон обединета, посилна Европа во „нов контекст“.
Постигнувањето на европското единство, сепак, ќе биде предизвик, особено затоа што Париз и Берлин последниве години сѐ повеќе се несогласуваат по низа прашања, од финансирање зголемени трошоци за одбрана до трговијата, особено тарифи за кинеските електрични автомобили.
Францускиот и германскиот челник, исто така, се во деликатни позиции на домашна сена. Макрон изгуби добар дел од својата моќ по изборните порази оваа година, а Шолц се бори да ја одржи својата коалиција заедно.
Многу европски лидери пред изборите изјавија дека се загрижени за можната победа на Трамп со оглед на заладените трансатлантски односи во неговиот прв мандат, неговата силна критика кон НАТО, неговата амбивалентност за борбата на Украина против руската инвазија и неговите ставови за климатските промени.
Европа е особено загрижена за трговијата. Трамп минатиот месец рече дека ако победи на изборите, ЕУ ќе мора „да плати голема цена“ затоа што не купува доволно американски стоки.
Европа е загрижена и за промената на американската надворешна политика, пред се кога станува збор за војната во Украина. Трамп ја критикуваше американската помош за Украина и пред изборите вети дека ќе стави крај на конфликтот пред да ја преземе функцијата, без да каже точно како.
Француските и германските министри за одбрана треба да се сретнат во среда во Париз, пред десетици европски лидери да се состанат во четврток во Будимпешта на самитот на европската политичка заедница, по што ќе следи неформален самит на ЕУ, исто така во Будимпешта.