Изминатава среда заврши најголемото, светско, политичко Reality Show. Жирито, составено од граѓаните на САД, за победник го избраа Доналд Трамп. Старо-новиот претседател, од јануари следната година повторно ќе се всели во Белата куќа. Многумина не веруваа во неговата победа. Многумина се надеваа дека ќе успее да се протне до победата. Резултатите покажаа нешто друго. Наспроти сите анкети, наспроти над 1 милјарда долари потрошени од неговит против-кандидат, Трамп победи убедливо. Демократите го претрпеа најголемиот пораз во последниве дваесет години. Феноменот Трамп најдобро го објасни поранешната републиканска кандидатка за претседател Ники Хејли. Таа по објавувањето на првите посериозни бројки изјави „…Трамп со неговата победа покажо дека буквало поседува гравитација… Тој помина низ два обида за убиство, помина низ два импичмента, тој помина низ бројни обвинувања и Америка, сепак, го избра за претседател, бидејќи, на крајот на денот, тие знаеа што добиваат со Доналд Трамп и тоа е тоа што тие сакаа да го видат…“.
Убаво кажано! Но, неточно! Трамп не поседува гравитација! Трамп, благодарејќи на својот штаб, одигра неверојатна партија. Ги собра гласовите на републиканците, на рурална бела Америка, но и штрбна од Латино-американскот и Афро-американското гласачко тело. Уште повеќе, влезе во „коалиција“ со демократот Роберт Кенеди-помладиот, кој му донесе извесен број на демократски и гласови од независните гласачи. Покажа дека може да обединува. Најважно од се’. Тој во своите настапи се претстави како бунтовник против системот, кој е заробен од демократите. Обидите за негово убиство целосно се вклопија во таа негова презентација. Америка ги сака бунтовниците. Ги сака тие што се борат против неправдата на системот. Според Трамп, најголема неправда му беше нанесена со крадењето на гласовите во изборите 2020 година. Убава приказна – уште поубаво продадена и дополнета со бројните судски случаи покренати против него.
Да нема забуни. Изборната програма на Трамп исто така придонесе за победата. Републиканците на овие избори излегоа како партија на работничката класа. Трамп во своите настапи исцело стави акцент на економијата и на неконтролираната илегална миграција. Две теми кои најмногу ги засегаат американските најниски слоеви. Дополнително, неговото мото „Да ја направиме Америка повторно голема“ примамливо звучеше за сите кои на еден или друг начин, сметаа дека Америка под водството на Бајден го изгуби својот сјај. И на внатрешен и на надворешно – политички план.
На крајот, за да не се потцени. Трамп немаше соодветен против-кандидат. Потпретседателката Камала Харис беше недорасната за оваа игра. Водството на демократите, од само ним познати причини, застана зад претседателот Бајден и по првиот негов дуел со Трамп, сфатија дека погрешија. За да спречат евентуални внатре – партиски поделби, тие како давеник за сламка се фатија за потпретседателката Харис. Лик кој и како потпретседател на САД не остави некој посериозен впечаток. Нивната моќна пропагандна машина од неа направи ѕвезда. Вложија 1 милијарда долари и изгубија. Едноставно нивниот кандидат немаше што да понуди за да ги привлечат гласовите на неопределените. Ја засилија кампањата за заштита на репродуктивните права на жената, надевајќи се дека жените ќе застанат зад неа. И тие застанаа, но тоа не беше доволно. Жени има во редовите на средната и високата класа, но жени и мајки има и во најниските социјални слоеви. Ним им треба повеќе отколку репродуктивни права. Харис тоа убедливо не го понуди. Уште повеќе! Таа не успеа целосно да се одвои од својот шеф, претседателот Бајден, кој дополнително ги антагонираше граѓаните на Америка, нарекувајќи ги републикацните „ѓубре“. За да биде неуспехот целосен, за разлика од Бајден, Харис ја изгуби подршката од младата популација помеѓу 18 и 45 години.
Како и да е, шоуто заврши! Завесата на едната сцена падна. На другата се подигна. Лидерите од целиот свет побрзаа на Трамп да му ја честитаат победата. Некои искрено, некои не. Теренот за вториот чин, од преставата, полека се подготвува. Во него ќе дојде и заплетот. Ставовите на претседателот Трамп за акутните меѓународни кризи се горе доле познати. Тие во помала или поголема мерка кореспондираат со американската стратегија за национална безбедност изготвена од сегашната администрација во 2022 година. Таа ќе остане на сила се додека не биде сменета од новата Трампова администрација, но тоа нема да се случи толку брзо. Сепак, стратегија е едно, но тактика е друго.
Американската стратегија за национална безбедност почнува со зборовите „…Корените на нашата стратегија се во нашите национални интереси: да ја заштитиме безбедноста на американскиот народ, да го прошириме економскиот просперитет и моќности и да ги прифатиме и одбраниме демократските вредности во срцето на американскиот начин на живот…“. При ова, во националната стратегија реализацијата на овие интереси не се ставени во розев контекст. Според нејзините изготвувачи ризикот од конфликт помеѓу големите сили се зголемува; демократиите и автократиите се ангажирани во натпревар за да покажат кој систем на владеење може најдобро да испорача на сопствените народи и светот; конкуренцијата за развој и користење на основните технологии што ќе ги трансформираат безбедноста и економијата се интензивира; глобалната соработка врз споделени интереси е доведена до ивица, без оглед на потребата таа сорботка да има егзистенцијален импакт. Кажано со други зборови, создаден е мултиполарен свет, без јасно дефинирани меѓународно-правни норми на однесување. И уште поважно, но и поопасно. Економијата прераснува во прашање од националната безбедност. Економските санкции и трговските војни стануваат реалност. Глобализацијата е пред умирање.
Претседателот Трамп, сосема очекувано ќе продолжи по овој пат. Воведувањето на царински тарифи од 10 до 20 отсто е повеќе од сигурно. Кон Кина тие можат да бидат и поголеми. За него иднината на САД зависи токму од овие чекори. Да ги забави економиите на сите развиени држави, а да го потикне и засили развојот на американската економија. Улогата на Илон Маск ќе биде клучна во оваа игра. Во суштина, зад ваквата стратегија се крие и неговата желба за избегнување на воени конфикти. Тој, за разлика од демократите, војните ги смета, од аспект на Америка, за контрапродуктивни. Натпреварот со Кина може да се добие доколку секој слободен долар се вложи во развојот на новите технологии, посебно на вештачката интелигенција. Токму затоа тој инсистира на брзо стопирање на војната во Украина. За Трамп несфатливо е САД финансиски да ја помагаат Украина, а Кина непречено да ја развива својата економија, но и своето влијание во светот. Дотолку повеќе што санкциите воведени од Западот кон Русија, одат во прилог на Кина и Индија. Држави кои во догледно време, благодарејќи на ефтините руски суровини, можат по својата економска моќ да се доближат до САД.
Нервозата која за време на кампањата беше присутна во главните градови на големите европски сили, по неговата победа се засили. Неполни 24 часа по објавувањето на победата на Трамп, францускиот претседател и германскиот канцелар одржаа телефонски разговор за улогата на Европската Унија во новонастанатата ситуација. На Трамп овој разговор ништо не му значи. Макрон е претседател на политички нестабилна држава со сериозен финасиски долг. Шолц е канцелар, кој веднаш по телефонскиот разговор ја изгуби владината коалиција, а неговата држава е во најтешка економска криза, од завршувањето на студената војна наваму. Европскиот француско-германски мотор е зарибан. Италијанската премиерка Мелони посакува да го замени, но не ја поседува таа моќ. За конзервативен националист, како што е Трамп, ова се добри вести. На него му требаат уште неколку години силен економски раст на Америка и еднаш засекогаш патиштата помеѓу Европа и САД да се раздвојат. Целата американска моќ да ја сконцентрира на Пацификот. Во крајна линија оваа позиција е блиска и со позицијата на Бајден. Тој беше интернационалист, но во исто време и гео-економски националист.
Русија, во моментов, но и во догледно време, не е никаква конкуренција за САД. Претседателот Трамп и во неговиот прв мандат на оваа држава не гледаше како на некоја сериозна закана. Посебно не економски. Санкциите кои ги воведе кон Русија беа во функција на дискредитација на режимот на Путин. Ништо друго. Русија, во моментов, ниту енергетски, не може да им конкурира на САД. Тие се најголем производител на нафта во светот. Резервите на гас се зголемуваат секој ден. Дополнително, Трамп ќе ја смени политиката на Бајден и ќе дозволи драстично зголемување на производството на овие енергенси. Едноставно, повторно ќе го напушти Париискиот климатски договор. Оттука, неговата позиција кон Русија, требе да се гледа од аспект на односите со Кина. Индустриското, а со тоа и економското заостанување на Русија, ќе има свое влијание и врз развојот на Кина. Тој би сакал да ја прекине војната во Украина, истовремено задржувајќи ги санкциите кон Русија. Послаба Русија, за Трамп значи послаба Кина. И да не се испушти од предвид. Послаба Русија значи полесно влегување на САД во зоната на Артикот.
Расплетот на овој заплет ќе се случи во третиот чин. Требе да се сочека завршувањето на руско-украинската војна и започнувањето, но и завршувањето, на мировните преговори. Од тоа ќе зависи и иднината на Балканот. Русија пред започувањето на војната, повикувајќи на преговри со САД и неговите НАТО сојузници, побара покрај Украина, предмет на разговор да бидат и сферите на влијание на Кавказот и Балканот. Сојузниците тоа го одбија. Беа убедени во победата на Украина. За жал тоа е минато. Руските успеси во војната со Украина ќе ја зајакнат нејзината преговарачка позиција. Ќе продолжат да инсистираат на своја интересна сфера на Балканот. За Трамп тоа нема да биде проблем. Проблем ќе биде за Европа, но тоа не го засега.
Македонија е членка на НАТО. Таа, се додека оваа воена организација опстојува, не би требало да биде дел од оваа приказна. Сепак, никогаш не е на одмет да се има отворени очи, а бога ми и чисти уши. Расплетот во третиот чин ќе биде драматичен. Стратешкото партнерство со САД нема да биде доволно. Русија е неразделен дел од Европа. За неа ќе биде најпаметно во координација со САД, или самостојно, да започне преговори со Русија. И тука, долгорочно лежи најголемата закана за Македонија. Врските со републиканците се добри, но не и доволни. Зајакнување на капацитетот на нашата амбасада во Вашингтон, се разбира со соодветно зајакнување на амбасадите во Лондон, Берлин и Париз, требе да биде наш прв чекор за подготвено да го дочекаме расплетот. Ангажирање на повлијателен републикански Think-Tank институт, во Вашингтон, се чини дека е неопходност, исто како и формирање на „кризен штаб’ во кабинетот на премиерот. Не смееме да си дозволиме, без оглед колку и тоа да чини, да се претвориме во Чашулевата „Вејка на ветерот“. Зборовите на претседателот Макрон искажани на вчерашната средба во Будимпешта требе да ги запаметиме: „..За мене ова е едноставно. Светот е создаден од тревопасачи и месојади. Доколку ние одлучиме да останеме травопасачи тогаш месојадците ќе победат и ние ќе им бидеме пазар…“.
Автор: Јован Донев за НетПрес