По жестоките судири по натпреварот на израелскиот фудбалски клуб Макаби Тел Авив во Амстердам, премиерот Бенјамин Нетанјаху испраќа два авиона да ги евакуираат израелските фудбалски навивачи од главниот град на Холандија.
„Премиерот нареди веднаш да бидат испратени два спасувачки авиона за да им помогнат на нашите граѓани“, соопшти канцеларијата на Нетанјаху во петокот наутро.
Кабинетот на израелскиот лидер го нарече инцидентот „ужасен“ и побара од холандската влада и безбедносните сили „да преземат силна и брза акција против бунтовниците и да ја зајакнат безбедноста на нашите граѓани“.
Жестоки немири избија околу фудбалскиот натпревар од Лига Европа меѓу холандскиот клуб Ајакс Амстердам и Макаби Тел Авив во четвртокот вечерта. Ајакс победи со 5:0.
Според полицијата, конфликтот избил на повеќе локации во центарот на холандската престолнина, но не е прецизирано од која страна дошло до насилството. Вкупно 57 лица се уапсени во четвртокот вечерта, соопшти полицијата. Израелските политичари го опишаа како „погром“.
Амстердамската телевизиска станица АТ5 објави дека демонстрантите фрлале со столчиња кон навивачите на Макаби. Полициските сили наводно ги заштитиле Израелците и ги придружувале до нивните хотели.
Во попладневните часови во центарот на градот дојде до конфликт меѓу израелските фудбалски навивачи и полицијата. Според полицијата, уапсени се десетина лица поради нарушување на јавниот ред и мир и поседување нелегални пиротехнички средства.
И пред натпреварот имало изолирани судири во близина на стадионот на југоистокот од градот, соопшти полицијата. Според полицијата, околу 200 демонстранти се обиделе да стигнат до местото на одржување на натпреварот.
Градската администрација претходно го забрани пропалестинскиот протест директно пред арената „Јохан Крој“ и назначи алтернативна локација во близина за собирот. Полициските мобилни единици, наводно, ги држеле демонстрантите подалеку од стадионот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е информиран за деталите за „многу насилен инцидент“ чија цел биле израелските граѓани во Амстердам и наредил испраќање два спасувачки авиони за да им помогнат, соопшти неговата канцеларија во петокот.
Министерството за национална безбедност на Израел ги повика своите граѓани во Амстердам да останат во хотелски соби, се вели во друго соопштение од кабинетот на премиерот.
Израелската армија потврди дека се подготвува да испрати „итна спасувачка мисија“ со координација на холандската влада. Мисијата ќе користи товарни авиони и ќе вклучува медицински и спасувачки тимови, соопшти израелската војска.
„Навивачите кои отидоа да гледаат фудбалски натпревар наидоа на антисемитизам и беа нападнати со незамислива суровост само поради нивната еврејска и израелска припадност“, напиша израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир во објава на X.
Природата на нападот сѐ уште не е позната.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар побара од холандската влада да им помогне на израелските граѓани безбедно да стигнат до аеродромот. Саар ова му го кажа на холандскиот колега Каспар Велдкамп во телефонски разговор во петокот.