Црногорски бизнисмен и неговото обезбедување ја претепале новинарката Ана Раичковиќ

Новинарката на црногорскиот весник „Побједа“, Ана Раичковиќ, вчера доцна вечерта во Подгорица била вербално и физички нападната, а била нападната од црногорски бизнисмен и неговото обезбедување, јавуваат медиумите во Црна Гора.

Како што објави весникот „Побједа“, новинарката на весникот и уредничка на рубриката за црна хроника била нападната пред ресторан и во таа прилика била изложена на навреди и добила неколку удари по главата и телото. Медиумите наведуваат дека напаѓачите се Зоран Ќоќо Беќировиќ и членови на неговото обезбедување.

Се наведува дека причина за нападот било нејзиното известување за Беќировиќ, кој е сопственик на ски-центарот во Колашин, еден од најпознатите црногорски зимски центри. Тој имал деловен однос со поранешната претседателка на Врховниот суд, Весна Меденица, на која и се суди за учество во организирана криминална група, од која во 2015 година купил повеќе од 25.000 метри квадратни земјиште во Колашин.

Во меѓувреме полицијата соопшти дека се уапсени тројца напаѓачи со наведени иницијали и возраст, од кои се претпоставува дека се Беќиревиќ, неговиот син Лука и припадник на обезбедувањето. Според полицијата, тие физички ја нападнале новинарката, а потоа и го скршиле ветробранското стакло од автомобилот и нанеле друга штета.