Здружението Онлајнмедиа ги поддржува предлозите за измени на Законот за медиуми

На годишното Собрание членовите на здружението Онлајнмедиа.мк ги прифатија предложените измени во Законот за медиуми кои Министерството за дигитална трансформација ги објави на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи на Македонија).
Измените и дополнувањата на Законот за медиуми се во насока на усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ, како и внесување на онлајн медиумите (интернет порталите) во законот.

„После повеќегодишни напори на поголем дел од професионалните онлајнмедиуми, преку нашето здружение успеавме да дојдеме до посакуваното законско решение за дефинирање и на онлајн медиумите-интернет порталите како медиуми, како што е тоа веќе дефинирано во zаконот за телевизиите, за днвените весници, за радио станиците… Нашите предлози станаа дел од овие измени и дополнувања, во согласност со европското законодавство. Според сите наши контакти со пратеничките групи во Собранието, очекуваме усвојување на овие измени“, велат од здружението.

Еве ги предложените и прифатени измени: Во член 1 од Законот за медиуми, во член 2, став 1 во точката 1 после зборот „телевизијата,“ и пред зборот „телетекст“ се додаваат зборовите „онлајн медиуми – интернет портали“:
Точката 3 се менува и гласи: Издавач на медиум е правно лице кое врши дејност на издавање на печатен медиум, емитување на радио и телевизиски програми (радиодифузери) или публикување информативни содржини преку онлајн медиуми – интернет портали, како и физичко или правно лице кое врши агрерирање вести на посебни интернет страници или мониторирање на медиумите на начин што остварува приходи од давање на овие онлајн услуги.

Во член 5 по ставот (3) се додава нов став (4) кој гласи: Правно или физичко лице може во Република Северна Македонија да врши дејност на публикување информативни содржини во вид на текст, аудио или аудиовизуелен формат преку онлајн медиум – интернет портал, доколку дејноста ја впише во Централниот регистар на Република Северна Македонија, има седиште и уредништво во Република Северна Македонија, има најмалку две (2) лица во редовен работен однос и поседува мк-домејн.
По ставот (5), кој станува став (6), се додава нов став (7), кој гласи: Регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет портали содржи податоци за фирмата и седиштето, односно назив и адреса на издавачот на онлајн медиум – интернет портал; име и презиме на одговорното лице на издавачот на онлајн медиум – интернет портал; името на онлајн медиумот – интернет порталот; податоци за сопственикот на мк-домејнот.“

Во член 6 се додава нов став (3) кој гласи: Издавач на онлајн медиум – интернет портал е должен да преземе соодветни мерки со помош на технички средства или со адекватна заштита за ограничување, да оневозможи пристап на малолетните лица до електронски публикации со порнографска содржина, како и текстуална, вербална или визуелна содржина со која се глорифицираат физички, вербални или психолошки облици на садизам и слични видови насилство.
Во член 14 во ставот (1) зборовите во заградата „на пример примерок од печатен медиум и телевизиска емисија“ се заменуваат со зборовите „на пример примерок од печатен медиум, телевизиска емисија и во делот за импресум на онлајн медиумот – интернет порталот“.