Нетанјаху: Иранската влада повеќе се плаши од сопствениот народ отколку од Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот им порача на Иранците дека владата на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи повеќе се плаши од иранскиот народ отколку од Израел.

„Затоа тие трошат толку многу време и пари обидувајќи се да ги скршат вашите надежи и да ги спречат вашите соништа“, рече израелскиот премиер во видео пораката.

„Ви велам: Не дозволувајте вашите соништа да умрат. Слушам шепоти: Жени, живот, слобода. Зан, Зендеги, Азади“, рече Нетанјаху, мислејќи на движењето за правата на жените во Иран.

„Не губете надеж. И знајте дека Израел и другите во слободниот свет стојат со вас“, рече Нетанјаху.

Во својата порака, тој се осврна на иранскиот балистички ракетен напад на Израел на 1 октомври и им рече на Иранците дека тоа ги чини околу 2,3 милијарди долари од нивните „скапоцени пари“ и предизвика маргинална штета во Израел.

Израел му возврати на Иран на 26 октомври.

Нетанјаху и претходно директно му се обраќаше на иранскиот народ, како и на цивилите во Газа и Либан.

Израелскиот премиер рече дека животот во Иран би можел да биде поинаков ако земјата е слобона и ако средствата би можеле да се користат за образование, патишта, вода и болници наместо за војување.

„Но, ова е она што режимот на Хамнеи ви го негира секој ден. Тие се опседнати со уништување на Израел, наместо да го градат Иран“, рече тој.

„Знам дека не ја сакате оваа војна. Ни јас не ја сакам оваа војна. Израелскиот народ не ја сака оваа војна“, додаде тој.