Германските демохристијани со предност влегуваат во изборната трка

Христијанско-демократската унија CDU/CSU е фаворит на предвремените парламентарни избори во Германија на 23-ти февруари, покажува истражувањето на јавното мислење објавено во четвртокот.

„Доколку изборите се одржат следната недела, 33 отсто од гласачите би гласале за Унијата CDU/CSU“, ги објави институтот YouGov резултатите од истражувањето спроведено откако канцеларот Олаф Шолц од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер од Либерално-демократската партија (FDP) минатата среда и со тоа предизвика распање на трипартиската влада.

На второ место според популарноста е десничарската Алтернатива за Германија (AfD), која ја поддржуваат 19 отсто од гласачите.

Според истите резултати, социјалдемократите од SPD би освоиле 15 отсто, а Зелените (Bündnis 90/Die Grünen), третата партија од коалициската влада во заминување, 11 отсто. Пет отсто од гласачите би гласале за и Слободните демократи (FDP), а три отсто за партијата Левица (Die Linke). Новооснованиот крајно левичарски сојуз на Захра Вагенкнехт (Bündnis Sahra Wagenknecht), ќе биде изборот на седум отсто од гласачите.

Од последното истражување на институтот YouGov во октомври, интересот на гласачите за темата миграција е намален, од 32 на 23 отсто од анкетираните кои ја истакнуваат миграцијата како најважна тема. Истовремено, бројот на оние кои ги истакнуваат економските теми како најважни за Германија во моментов се зголеми од осум на 14 проценти.

Во средата Бундестагот одржа дебата на темата нови избори со кои, според медиумите, беше означен и почеток на предизборната кампања. Дискусијата ја карактеризираа меѓусебни обвинувања за актуелната состојба во Германија, а особено за германската економија.

Таканаречениот економски совет на мудреците, кој ја оценува економската состојба во земјата на барање на владата, во средата предвиде слаб економски раст од само 0,1 отсто за Германија во 2025 година.

Олаф Шолц најави дека гласањето за доверба на Бундестагот ќе се одржи на 16-ти декември.

Христијанско-демократската унија CDU/CSU и нејзиниот кандидат за канцелар, претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU) Фридрих Мерц, сигнализираа дека повеќе би сакале да влезат во коалиција со FDP по изборите, но тоа зависи од тоа дали либералните демократи ќе го уминат изборниот праг од пет проценти.

Некои аналитичари ја споменуваат и можноста за повторно составување на таканаечаната Голема коалиција меѓу Унијата CDU/CSU и SPD, која веќе беше на власт во неколку наврати, последен пат од 2018 до 2021 година.