Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Центарот за развој на североисточниот плански регион ги одбележаа рекордните приноси на производителите на пченка од североисточниот регион за време на жетвата на пченка. 15-те производители на пченка од регионот кој годинава за прв пат наводнуваа со системи капка-по-капка донирани од УСАИД успеаа да ги зголемат нивните приноси за 60% (од 10 тони/хектар на 16 тони/хектар), додека земјоделецот Зоран Димитријевиќ очекува рекорден принос од 19 тони/хектар – меѓу највисоките во Македонија.
„САД го поддржува економскиот раст во Македонија повеќе од 20 години со програми кој ја подобруваат конкурентноста на земјоделските бизниси во Македонија. Овие земјоделци покажаа дека иновациите имаат моќ да ги трансформираат малите фарми во профитабилни бизниси,“ изјави Пол Волерс, амбасадорот на САД во Македонија. „Со зголемувањето на употребата на системите капка-по-капка, макро економските придобивки ќе станат поочигледни. Зголемувањето на продуктивноста со време ќе и овозможи на Македонија самостојно да ја задоволи целосната домашна побарувачка на пченка. Очекуваме дека овој процес ќе создаде 2,800 нови работни места и повраток на инвестиција од дури 101 милиони евра во индустријата за производство на пченка и млеко.“
„Оваа година за прв пат користев систем капка-по-капка на еден хектар со пченка и сум презадоволен. Наредната година планирам да аплицирам во програмата 50-50 за да поставам систем капка-по-капка на уште 20 хектари со пченка,“ изјави Зоран Димитријевиќ, новиот рекордер во производство на пченка во североисточниот регион. „Без капка-по-капка добивав по 7-8 тони од хектар, а сега со капка-по-капка очекувам од 18 до 20 тони од хектар.“
Во 2013 и 2014, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси ја започна иницијативата „Да одгледуваме повеќе пченка“ за модернизација на производството на пченка во Македонија. Како дел од иницијативата беа донирани 120 системи капка-по-капка и беа обучени 120 земјоделци за користење на добри земјоделски практики во одгледувањето на пченка. Овие земјоделци успеаа да ги зголемат приносите на пченка за два до три пати. Иницијативата „Да одгледуваме повеќе пченка“ ќе се прошири во наредните две години со донирање на дополнителни системи капка-по-капка и обуки за нивно соодветно користење.