ЗЕЛС и Владата работат на Законот за експропријација кој кочи многу проекти

Со Владата работиме на измени на Законот за експропријација кој кочи многу капитални проекти, особено во Скопје, изјави првиот човек на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски по средбата во седиштето со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Ова ќе значи откочување на многу проекти, особено во Скопје, соопшти Ѓорѓиевски кој оцени дека како ретко досега ЗЕЛС и општините имаат одлична соработка со централната власт, на што ги обврзува и потпишаниот меморандум со Владата.

-Изразивме и огромна благодарност за поддршката на Владата за општините која произлегува од Унгарскиот кредит кој ќе се искористи за капитални проекти со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните, посочи првиот човек на ЗЕЛС.

-80 проценти од средствата за општините одат токму преку Министерството за транспорт, изјави министерот Николоски, кој потенцира дека владата со несмалено темпо ќе ги помага општините и во наредните години.

-Ова не се средства кои ќе се користат за расходи во општините, за плати или за возила за градоначалниците, туку за капитални проекти од огромно значење за граѓаните кои ќе се реализираат по општините, изјави градоначалникот на Кисела Вода Ѓорѓиевски.

Министерот и првиот човек на ЗЕЛС изразија задоволство од предлог измените на неколку Закони кои многу им значат на оптините во нивното функционирање, закони кои веќе се имплементирани и минаа во собранието.